Skip to main content

Лимани и Велковски: Нашата визија за праведно и инклузивно општество ја реализиравме преку конкретни мерки

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и заменик министерот Ѓоко Велковски го презентираа годишниот отчет за работата на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Во своите излагања посочија дека изминатата година покрај соочувањето со бројни предизвици, се започнале и реализирале конкретни реформи и проекти насочени кон подобрување на животот на сите граѓани, особено на најранливите категории, младите и семејствата.

Посветено работевме на реализација на нашата визија, а тоа е  градење на општество засновано на еднакви можности, социјална правда и инклузивност. Нашата визија за праведно и инклузивно општество ја реализиравме преку конкретни мерки.

Почнавме со зголемување на пензиите – над 330.000 пензионери добија за 5.000 денари повисоки пензии.

Министерството стана прва јавна институција со целосно пристапна веб-страница за лицата со попреченост, согласно европските стандарди.

Во делот на предучилишно образование, одговоривме на потребата од нови капацитети.

Во рамки на двата јавни повици од Владата за изградба и реконструкција на градинки и објекти под надлежност на Министерството во 2024 година беа финансирани 4 проекти, додека во 2025 година се разгледани 11 проекти од кои 6 се со комплетна документација.

Во моментов се завршени над 15 проекти за изградба и опремување на градинки кои ќе обезбедат згрижување за 1.500 деца, вклучувајќи ја и градинката во Чаир со капацитет од 350 деца.

До крајот на 2025 година ќе бидат отворени над 11 нови објекти со капацитет за над 1.100 деца.

Во рамки на нашите заложби за унапредување на кадровската состојба, досега обезбедивме околу 550 нови вработувања во детските градинки, 100  нови вработувања во Центрите за социјална работа, 120 во јавните установи за социјална заштита, како и 65 вработувања и унапредувања во самото Министерство.

Со измените на Законот за заштита на децата, се обезбедува правична плата за директорите на јавните установи за предучилишно воспитание!

Воведена е и можност за полагање на стручниот испит на јазиците кои ги зборуваат најмалку 20% од населението, што е чекор кон поголема инклузивност.

Интензивно работиме на низа значајни иницијативи со цел унапредување на заштитата на децата и поддршката на семејствата, меѓу кои:

-Имплементација на Европската детска гаранција, со акцент на еднаков пристап до основни услуги за најранливите деца,

-Изработка на Национален акциски план за правата на децата (2025–2029), како стратешки документ за унапредување на детските права,

-Унапредување на системот за згрижување, со отворање на нови центри за поддршка на згрижувачките семејства,

Инвестираме и во системот за грижа за стари лица.

Во таа насока, со проширување на капацитетот на ЈОУ Дом за стари лица д-р Иван Влашки- Берово, се овозможи прием на нови 28 корисници.

Работиме на изградба и реконструкција и опремување на домови во Пробиштип, Кавадарци, Крива Паланка, Кочани и Куманово. Тоа претставува грижа за околу 200 стари лица.

По повеќе од шест децении, Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје, во населбата Топанско поле ќе добие модернизирани услови за работа, овозможувајќи подобри и достапни социјални услуги за лицата со попреченост.

Со неповратна финансиска поддршка од 1,6 милиони евра преку ИПА 2 Програмата ЕУ за инклузија, Заводот се трансформира во ресурсен центар кој ќе обезбедува различни услуги, меѓу кои дневен престој за различни возрасни групи, услуги за превенција и рана интервенција и услуги за рехабилитација за развој на вештини и подобрување на квалитетот на живот на корисниците.

Подготвителни активности за трансформација на јавните институции за обезбедување на социјални услуги во заедницата започнаа и за Ј.У. “Специјален завод  Демир Капија “и Завод за рехабилитација “Бања Банско”-Струмица.

Нередот кој се создавал изминативе години во системот за социјална заштита го решивме со ново софтверско решение за интегрирано администрирање на паричните права, социјални услуги и јавни овластувања.

Софтверот ќе овозможи стручните лица во центрите за социјална работа да ја дигитализираат нивната работа и да имаат целосна информација за правата и услугите кои ги користи едно домаќинство, ќе може да се идентификуваат ризиците и потребите на ниво на домаќинство, а не како до сега, индивидуално без да се земе во предвид целосната ситуација/ризици во која се наоѓаат членовите на едно домаќинство.

Работиме и на воспоставувањето на унифициран систем за проценка на попреченост, како и на воспоставување на Управа за водење на регистар на задолжително социјално осигурување и развој на софтвер /регистар на задолжително социјално осигурување.

Посветено работиме на унапредување на квалитетот на социјалните услуги. Со поддршка од ЕУ, започна проект за стандардизација и оценување на квалитетот на услугите во заедницата.

Реформата во социјалната заштита подразбира поддршка на најранливите категории преку паричните права, но истовремено и нивно зајакнување и извлекување од системот и нивно активирање на пазарот на труд.

Затоа, започнавме со социјално менторство за активација на пазарот на труд на 120 приматели на гарантирана минимална помош.

Започнавме и со социјално менторство за вклучување на ранливи лица на пазарот на труд.

Во финална фаза е законот за вработување на лица со попреченост. Затоа што, инклузијата не е само обврска – тоа е наша мисија.

За период од една година, склучени се 83 управни договори за услуги во домот и услуги во заедницата, со општини и со лиценцирани даватели на социјални услуги и доделување на 26 грантови за 26 општини во партнерство со даватели на социјални услуги преку Проектот за подобрување на социјалните услуги.

Донесена и усвоена е новата Стратегија за Роми 2022-2030, со акцент на  области:  домување, здравство, социјална инклузија и образование.

Во учебната 2024/2025 година бројот на запишани деца Роми во јавните детски установи на национално ниво изнесува 472 деца, од нив околу 150 се ослободени од партиципација.

Направен е голем исчекор во градењето на капацитетите на јавната администрација  преку Ресурсен центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање.

Во 2024  спроведени  се 21 обука/работилница на кои учествувале  вкупно 507 лица, од кои 454 жени и 53 мажи.

Ја организиравме првата Национална младинска летна школа за социјална инклузија во соработка со ГИЗ, која се надеваме ќе стане традиција и бројката на ученици ќе се зголемува. 

Објавивме повик за Награда за младинско учество која има за цел да го препознае и јавно да го вреднува трудот, посветеноста и влијанието на младите во адресирањето на различни општествени прашања.

Го започнавме и процесот за избор на нов младински претставник во Управната канцеларија на РИКО.

Обврската од законот за младинско учество и младински политики за формирање на Истражувачки центар е исполнета.

Формирано е одделението во рамки на секторот млади кој ќе се занимава со истражувачка дејност во сферата на младинските политики и младите.

Планираме целосно преземање и имплементација на Европската младинска картичка, со која младите ќе добијат бројни придобивки.

Демографските политики се наш стратешки приоритет. Со УНФПА започнавме креирање на национална Стратегија за демографски развој и отпорност.

Работиме на поттикнување на повратни миграции, поддршка на семејствата и намалување на негативните трендови преку инвестирање во човечки капитал и локален развој.

Во Брисел ја потпишавме Меѓународната спогодба за учество на Република Македонија во Програмата на Европската унија „Граѓани, еднаквост, права и вредности“.

Со потпишувањето на спогодбата отворивме нови можности за граѓанските организации и институциите за унапредување на човековите права и недискриминација.

Би сакал да нагласам дека наследивме и проекти започнати од претходно, како Проектот за администрирање на социјалното осигурување (SIAP) започнат во 2020 година, кој за 5 години имал реализација од  само 9.92%.

А сега,  само за 1 година бележи раст на реализација од 17,38%. Во моментов се работи интензивно, со што процентот на реализација за 1 година ќе се зголеми на 12.8%.

Во сите овие активности вложуваме срце и знаење, со цел никој да не биде изоставен.

Продолжуваме заедно да градиме похумано, праведно и инклузивно општество.

Поврзани вести