Skip to main content

Идентитетот не е само кујната, туку и Делчев, Сандански, Шапкарев: Мицкоски во услови без гаранции, очекува секаков инженеринг во ЕП

Facebook/Hristijan Mickoski

Очекувам секаков инженеринг во Европскиот парламент (ЕП) и, јас би бил многу, многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата не ги слушај што зборат, гледај ги што прават – рече премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање на заедничката прес – конференција со еврокомесарката Марта Кос.

Што се однесува до верзијата од Извештајот која што е сега пред европратениците, можам да кажам дека очекувам секаков инженеринг. Не би ме изненадило ништо. Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот, секогаш. Да тоа, е така дека ние го носиме со нас, длабоко во нас. Но, морам да признам дека овие повеќе од три децении ние изгубивме голем дел од нашиот идентитет менувајќи знаме, менувајќи име, неколку пати менувајќи Устав. И во услови кога немаме гаранција дека ова ќе биде последна идентитетска отстапка која ние треба да ја направиме, јас би бил многу, многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата не ги слушај што зборат, гледај ги што прават. А тоа што го направија и се уште прават дел од пратениците во ЕП од нашиот источен сосед, нема никаква врска со европските вредности – потенцира Мицкоски.

Тој подвлече дека македонскиот идентитет се и Гоце Делчев и Груев и Сандански, нешто со што вели не е сигурен дека ќе се согласи нашиот источен сосед Бугарија.

За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев, и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански… Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет – рече Мицкоски прашан за тоа што се прави на дипломатски план во одос на највените спорни амандмани од бугарски европратеници за Извештајот за земјава за „модерен“ (или современ) македонски јазик кои задираат во идентитетот, а којшто треба да се усвои во Европскиот парламент на пленарна сесија закажана за 8 јули.

Поврзани вести