Skip to main content

Трамп со детали за нападот врз Иран: Тие ништо не преместија, не знаеја дека ние доаѓаме

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не верува оти Иран успеал да заштити или премести каков било дел од своите залихи на збогатен ураниум пред неодамнешните американски напади врз ирански нуклеарни постројки.

Во интервју за Фокс њуз, Трамп категорично ги отфрли извештаите дека Техеран можеби превентивно ги преместил залихите.

Тие не преместија ништо – рече тој, објаснувајќи дека нападите не биле најавени, што не им оставило време на Иранците за подготовка. Според него, преместувањето на збогатен ураниум е „исклучително тешко, опасно и логистички сложено“ поради неговата маса и радиоактивност.

Трамп потврди дека имало активности на еден од нуклеарните објекти непосредно пред нападот, каде што биле забележани возила и градежни работници.

Истураа бетон, се обидуваа да го затворат влезот – веројатно таму каде што ќе удреше бомбата – рече тој, без да потврди дали станува збор за нуклеарната постројка Фордо.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека Иран поседува повеќе од 400 килограми збогатен ураниум со чистота од 60% – количина која, доколку се доведе до 90%, би била доволна за неколку нуклеарни бомби. Техеран тврди дека нема амбиции за нуклеарно оружје и дека програмата е исклучиво за цивилна енергија, но растат стравувањата на меѓународната заедница за потенцијална милитаризација.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека 12-дневната војна со Иран отворила нови можности за Израел – пред сѐ, за ослободување на заложниците, заробени од Хамас во Газа по нападот од 7 октомври 2023 година.

Неговата изјава доаѓа во време кога Окружниот суд во Ерусалим го прифати неговото барање за одложување на судењето за корупција, повикувајќи се на доверливи безбедносни и на дипломатски причини. Трамп, пак, коментираше дека судскиот процес би можел да му ја наруши способноста да преговара.

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, изјави дека завршената војна со Иран – која официјално престана на 24 јуни – би можела да придонесе за реализација на стратешките цели против Хамас во Појасот Газа.

Израелските медиуми пренесуваат дека безбедносниот кабинет синоќа одржал состанок, а нова средба е закажана и за денеска. Израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер, близок соработник на Нетанјаху, ќе се сретне со американски функционери во Белата куќа за да разговараат за ситуацијата во Иран и Газа.

Во обраќање од седиштето на разузнавачката служба Шин Бет, Нетанјаху рече: По оваа победа, се отворија многу можности.

Тој најави дека приоритет останува спасувањето на заложниците, но и „решавањето на ситуацијата со Газа и со поразот на Хамас“.

Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица го поздрави овој нов пристап.

Ова е првпат премиерот да ги посочи заложниците како врвен приоритет, се наведува во нивното соопштение. Тие побараа брзо склучување на сеопфатен договор што ќе обезбеди враќање на сите 50 заложници и прекин на војната.

Според последните процени, само 20 од заложниците во Газа сè уште се живи.

Поврзани вести