
Ослободен е македонскиот возач на камион, кој беше уапсен по сообраќајната несреќа што вчера се случи на стариот пат Солун – Верија во близина на Халкидона, во која загинаа две лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Камионот со кој управувал 34-годишниот македонски државјанин, вчера кусо по 16 часот се судрил со автомобил во кој се превезувало четиричлено семејство, а животот го загубија 44-годишен маж и неговиот 13-годишен син, додека пак сопругата и другиот син на возраст од девет години се полесно повредени.
По несреќата, за извлекување на патниците интервенираше противпожарната служба со девет пожарникари и три возила, како и службата на брзата помош од Солун со две возила, седум спасувачи и еден лекар.
Според информациите на МИА од Грција, возачот на камионот откако беше уапсен бил изведен пред јавен обвинител и со усна наредба на обвинителот бил ослободен.