Skip to main content

Ноќ за паметење под скопското небо: „Масив Атак“ со моќен настап на „Скопје Колинг“

Легендарната британска група „Масив Атак“ (Massive Attack) приреди незаборавно аудиовизуелно доживување на стадионот „АРМ“, во рамки на фестивалот „Скопје Колинг“. Огромен број фанови од цела Македонија, но и регионот се собраа да ја проследат оваа ретка прилика – настап на еден од највлијателните состави на модерната електронска и трип хоп сцена.

Низ концертот провејиваше мистичниот и хипнотизирачки звук по кој бендот е препознатлив. Публиката беше водена низ мрачна, но емоционално набиена атмосфера, со песнита кои добија нов живот со визуелизациите што ги следеа – остри политички и општествени пораки, светлосни проекции и моќен визуелен концепт.

Фронтмените на бендот, Роберт Дел Наја и Грант Маршал, на сцената беа придружени од гости-вокалисти кои го збогатија звукот, а со нивно учество ја пренесоа силната емоционална набоеност што ги карактеризира уште од деведесеттите години.

„Скопје Колинг“ со ова издание уште еднаш се позиционира како еден од водечките музички настани во регионот, носејќи имиња од светска класа. Претходно, сцената ја загреаја домашни и регионални артисти, кои успешно ја воспоставија атмосферата за главниот настан.

Концертот заврши нешто по полноќ, оставајќи ги присутните со чувство на исполнетост и восхит – вечер што долго ќе се прераскажува и памети како едно од највредните културни случувања ова лето во Скопје.

Поврзани вести