
Во Европска куќа во Скопје денеска ќе се одржи читачки кружок за романот „Тирза“ на холандскиот автор Арнон Грунберг. Настанот е организиран од издавачката куќа „Илика“ по повод гостувањето на авторот во Скопје. Романот на македонски јазик е во превод на Ацо Пероски.
Дискусијата на читачкиот кружок ќе ја води Симона Трајчевска, дел од тимот на „Илика“. Како што е најавено, утре вечер во КСП Центар-Јадро ќе се одржи промоција на овој роман. Промотор ќе биде поетот и преведувач Александар Маџаровски, чија рецензија за „Тирза“ заинтересираните можат да ја погледнат на неговиот Јутјуб канал „Читачот“.
Според „Die Presse“, романот е „вознемирувачко и брилијантно истражување на животот на средната бела класа, зачинето со елементи на семејна драма и трилер“.
Приказната го следи Јерген Хофместер, кој живее удобен живот во најелитниот дел на Амстердам, има милионска заштеда во банка, две возрасни ќерки и угледна работа во издавачка куќа. Неговите денови се лежерни и спокојни и тој се гордее со фактот дека спие мирно како бебе – освен понекогаш, кога се прашува дали е, всушност, чудовиште.