Skip to main content

Недела на перуански филм во Кинотека: Денеска проекција на документарниот филм „Мисија Кипи“ на режисерката Сонали Туеста

Овој месец Кинотеката со гордост го претставува циклусот на современ перуански филм, во организација на Амбасадата на Република Перу во Букурешт, Кинотеката и почесниот Конзулат на Перу во Македонија. Програмата на оваа прва НЕДЕЛА НА ПЕРУАНСКИ ФИЛМ започна вчера, со проекција на играниот филм КРАЛИЦИ (Reinas, 2024) во режија на Клаудија Рејнике, а по сценарио на Рејнике и Диего Вега Видал, приказна фокусирана на односот помеѓу еден татко и неговите ќерки, и нивните општествени предизвици во денешно Перу.

Денеска, петок (20 јуни), ќе биде прикажан документарниот филм МИСИЈА КИПИ ( Misión Kipi, 2024) на режисерката Сонали Туеста – трогателен и инспиративен филм во кој главната улога ја има роботот наменет за дружење и социјализација со деца кои поминале низ периодот на изолацијата за време на пандемијата со Ковид-19.

Циклусот завршува во сабота, 21 јуни, со играниот ВКУСНО СУШЕНО ОВОШЈЕ (Deliciosa Fruta Seca, 2017) на Ана Каридад Санчез – филм што балансира меѓу фикција и документарен пристап, претставувајќи емотивна приказна жена во седмата деценија на животот соочена со финансиска криза, која го преиспитува својот идентитетот и културното наследство.

Сите три проекции се бесплатни за посетителите.

Проекциите започнуваат во 20:00 ч.

Поврзани вести