
За мене претставува задоволство што уште еден заборавен, запуштен и би рекол полу уништен објект се става во функција, тоа е овој комплекс, наречен „Македонско село“. Благодарност до инвеститорите, до концесионерите, кои што се охрабрија да инвестираат и да понудат и на Скопје и на сите оние кои ќе го посетуваат Скопје уште едно туристичко, алтернативно и би рекол, ултра квалитетно место, каде што може да се ужива во преубав поглед, во преубави соби, апартмани, би рекол и сигурен сум во превкусна храна. Така што јас би им посакал многу среќа во работата, изјави претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска на отворањето на етно-комплексот „Македонско село“ во Нерези, во близина на Скопје.
Мицкоско ги повика сите оние кои што не го посетиле „Македонско село“, да дојдат во посета, да уживаат овде, во тоа што го нуди овој објект.
И се разбира, во периодот кој што следи, да се погрижиме сето она кое што за жал изминативе седум години беше заборавено, уништено, девастирано, полека, но сигурно го обновуваме и повторно му го враќаме сјајот и го ставаме во функција, едно по едно, во зависност од приоритетите и можностите, изјави премиерот.
Ова е многу важно. Туризмот, како што знаете, веќе го коментиравме на почетокот на годината, бележи вонредни резултати. Кај странските гости имаме посебно голем раст, повеќе од 20% споредено со истиот период од минатата година.
Очекуваме тој тренд да продолжи и да се зголемува. Работиме многу на тоа, така што и Министерството за култура и туризам тука е исклучително многу посветено, и се надевам дека ова место за туристите кои што ќе го посетуваат Скопје ќе биде убаво место за уживање, додаде Мицкоски.