Skip to main content

МКЦ го најавува КреАрт – Годишен уметнички фестивал

Годинешното издание на КреАрт, годишниот уметнички фестивал, ќе се одржи на 21 јуни (сабота) 2025 година во Младински културен центар (МКЦ) со почеток од 17 часот.

Ова мултимедијално случување со наслов „Македонско вино“ ќе понуди уникатно искуство кое ги поврзува уметноста, културното наследство и виното. На настанот ќе бидат поставени 8 до 10 вински буриња обезбедени од Музејот на Галерија Кавадарци, на кои во живо ќе се создаваат уметнички дела инспирирани од темата.

Ќе учествуваат истакнати уметници: Горан Боев, Томе Филов, Никола Ивановски, Илија Дојков и Сара Милевска.
Ќе работат и младите од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“: Теодора Ставрова, Михаела Ризова и Марија Зфировска. Учество ќе земат и младите:Леа Драмиќанин, Зехра Тулу Јилдиз, Лука Акдениз, Дарија Дивковиќ и Јана Кралевска под координација на Маја Танева.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат вино од неколку семејни винарии, да присуствуваат на демонстрации за подготовка, чување и консумирање на вино водени од врвни енолози и сомилиери, како и да уживаат во вино-коктели подготвени од професионални коктел мајстори. Целата атмосфера ќе биде збогатена со традиционална македонска музика.

Во рамките на фестивалот ќе се реализираат и неколку уметнички работилници и проекти:
Љубиша Камењаров, скулптор, ќе реализира жива уметничка интервенција со глина насловена „Тело на лозата“, инспирирана од симболиката и митологијата поврзана со македонското вино.

Бојана Мандеска ќе води работилница за глина, во која учесниците ќе се запознаат со нејзината материјалност, симболика и нејзината моќ да поврзува и изразува.

Филип Матевски ќе го претстави својот едукативен проект „Стрип, Манга и Модерен Поп Арт“, преку кој младите креативци ќе можат практично да се запознаат со овие форми на визуелна уметност.

Во 20 часот, во Галерија 2 на МКЦ, свечено ќе биде отворена изложбата на познатата македонска акварелистка Зага Малинковска (1926–2004).

Дополнително, уметницата Гордана Винчиќ ќе изработи дело со наслов „Целувано грозје“, во техника акрилик на платно.
За љубителите на музика во живо ќе се погрижат Игор Станоевски-Igiman и неговата придружба, кои ќе ја збогатат вечерта со изведби на блуз, џез и рок музика, создавајќи вистинска атмосфера за уживање во македонската уметност и македонските вина.

Целокупниот настан ќе биде документиран преку видео и фотографии од Кирил Шентески.

Поврзани вести