Skip to main content

Концерт на Ева Живковска и Горјан Стојановски во Македонскиот културно-информативен центар во Софија

На 19 јуни (четврток) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи Камерен концерт за глас и пијано на Ева Живковска – сопран и Горјан Стојановски – пијано.

Младите македонски музичари со својата изведба ќе ја оживеат палетата на чувства и приказни, носејќи ја публиката низ разновидни епохи и жанрови, од барокот до современата музика, со доза на регионални и народни елементи. Во програмата на концертот се застапени композиции од Хенри Пурсел, Петар Илич Чајковски, Сергеј Рахмањинов, Винченцо Белини, Џакомо Пучини, Антонин Дворжак и други.

Ева Живковска и Горјан Стојановски се двајца млади, но веќе реномирани уметници кои во своите области се истакнуваат со изразита професионална компетентност и непоколеблива страст кон музиката.

Ева Живковска е талентирана македонска сопранистка која со својата извонредна вокална техника и емоционална длабочина станува еден од најперспективните млади уметници во регионот. Родена во Скопје во 2001 година, Живковска своето музичко образование го започнала и завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а пеењето го започнала на 15 години, истакнувајќи се со посветеност и професионализам уште од самиот почеток. Веќе на 16 години дебитирала со Македонската филхармонија, што претставува значаен чекор во нејзиниот креативен развој и ја позиционира како млад уметник кој има капацитет за значајни музички достигнувања.

Нејзините професионални настапи вклучуваат настап на истакнати настани, како што е изведбата на македонската химна пред македонската делегација и академиците во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во 2018 година, што ја претставува како уметнички амбасадор на својата земја.

Меѓународните ангажмани ја потврдуваат нејзината професионална зрелост и високо ниво на компетентност. Со своите настапи во Бугарија, Србија, Италија, Австрија и Хрватска, Живковска успешно го пренесува класичниот репертоар на меѓународната сцена. Во 2023 година дебитирала во оперската продукција „Дидо и Енеј“ од Хенри Персел во Хрватската народна опера во Вараждин, каде ги толкува улогите на Втората Вештерка и Духот – улоги што ги изведува со прецизност и суптилност, потврдувајќи ја својата сценска присутност и вокална изразност.

Покрај тоа, Живковска е активно вклучена во значајни проекти со Македонската филхармонија и учествува во гала-концерти за млади оперски пејачи, како „Коста Трпков“ во Македонската опера и балет, каде што е препознаена како талентиран и посветен уметник. Нејзините изведби на настани како „Спортист на годината“ и 80-годишнината на тренерот Лазар Летиќ истакнуваат дека таа е значаен дел од културниот живот во Македонија.

Во 2023 година, Ева Живковска настапува и на концерт организиран од италијанската амбасада во чест на стогодишнината од смртта на Џакомо Пучини, што дополнително ја позиционира како уметник кој го цени и почитува европското музичко наследство. Нејзиниот настап како Марцелина во „Свадбата на Фигаро“ од В. А. Моцарт во Бугарија и бројни концерти во Виена покажуваат дека таа е уметник со широк спектар на изведувачки способности и љубов кон оперската традиција.

Покрај нејзиниот интензивен настапен распоред, Живковска продолжува со своето академско образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје под менторство на светски познатата сопранистка Красимира Стојанова. Ова менторство и дозволува да ја развие својата техника и интерпретативни вештини, истовремено градјејќи меѓународна кариера.

Ева Живковска е вистински претставник на младата генерација музички уметници во Македонија, носејќи ја операта и класичната музика поблиску до пошироката публика и создавајќи значајна врска меѓу традицијата и современиот свет. Со својата вокална вештина, сценска елеганција и непоколеблива посветеност, таа станува едно од најзначајните имиња на македонската и регионалната оперска сцена.

Горјан Стојановски е млада пијанистичка и диригентска ѕвезда од Македонија, чиј талент и посветеност кон музиката го издигнуваат како еден од најперспективните музичари во земјата и пошироко. Роден во Битола во 2003 година, Горјан уште од рани години покажува извонреден талент за пијано, започнувајќи го своето музичко образование под менторство на врвни професори. Основното музичко образование го започнува во Државното музичко училиште во Битола, а подоцна се усовршува во престижниот ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, каде неговите професори, меѓу кои проф. м-р Катерина Ќетковиќ – Фидановска, имаат значителна улога во неговиот развој.

На бројни натпревари Стојановски постигнува високи награди, што ја истакнува неговата техничка и уметничка зрелост. Меѓу најистакнатите се III награда на натпреварот „Даворин Јенко“ во Белград, II награда на меѓународниот натпревар во организација на здружението „Chopin“ во Малезија, I награда на натпреварот „Полихимнија“ и наградата за најдобра интерпретација на дело од Бетовен. Неговите успеси продолжуваат и во Словенија, каде освојува I награда на пијано натпреварот во Идрија, и на државниот натпревар „Хармонија“ во Македонија.

Горјан исто така покажува огромен интерес и посветеност кон диригирањето, стекнувајќи знаења од врвни имиња како маестро Иван Еминовиќ, проф. Рубен Далибалтајан, маестро Тим Редмонд од Англија и светски познатиот маестро Симон Трпчески. Стојановски е редовен учесник на мастер-класови по диригирање кај маестро Урош Лајовиц, на кои дополнително го усовршува својот репертоар и интерпретативни вештини. Во 2023 година, неговото диригентско искуство кулминира со настап како диригент со симфонискиот оркестар на Пловдивската опера во Бугарија, што претставува значаен чекор во неговата професионална кариера.

Покрај својот диригентски талент, Стојановски е и реномиран пијанист со бројни концерти во Македонија, Хрватска, Словенија и Италија. Во 2024 година настапува на два самостојни рецитали во Неготино и Рим, во склоп на фестивалот „Concerti del Tempieto“, што дополнително ја зајакнува неговата меѓународна репутација.

Стојановски моментално ги продолжува своите студии по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Елена Атанасовска-Ивановска, каде се стреми да го унапреди својот стил и технички капацитет. Со својот несекојдневен талент и менторството на врвни професионалци, Горјан прераснува во вистински претставник на новата генерација музичари, кој успешно ја комбинира својата пијанистичка вештина со прецизноста и чувствителноста на диригирањето.

Секоја негова изведба го рефлектира неговото посветено вежбање, природен талент и страст кон музиката. Со своето професионално искуство, бројни награди и значајни настапи на интернационално ниво, Горјан Стојановски е дефинитивно еден од најперспективните млади музичари во Македонија и пошироко.

Поврзани вести