
Паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје е еден од главните инфраструктурни проблеми и за него новиот министер за здравство Азир Алиу најави краткорочно и долгорочно решение.
На денешниот прв брифинг со новинарите Алиу кажа дека паркингот на Клинички центар кој е горлив проблем со години, не е ни мапиран каде да се паркира автомобил.
Ќе почнеме од базичните инфраструктурни чекори и активности за да видиме колку точно паркинг места имаме внатре. Нашата анализа ќе покаже колку пациенти користат паркинг места, колку вработени има кои доаѓаат со автомобили на работа и после ќе излеземе со оптимално решение, краткорочно. Долгороченото решение за паркингот ќе зависи од долгорочното решение за Клиничкиот центар. Ќе мора да бидеме претпазливи, да не се инвестира во нешто што можеби утре нема да биде во функција на Центарот. Краткорочно, имаме идеи, се уште немаме решение за да ја информираме јавноста, но работиме на тоа, кажа Алиу на брифингот.
Паркингот на Клиничкиот центар е долгогодишен проблем за пациентите и за здравствените работници. Постојано има недостиг на паркинг-места, неорганизирани и неадекватно обележани паркиралишта, како и тешкотии при пристапот до паркинг. Паркингот на Клиничкиот центар располага со вкупно 1.000 паркинг места, а само во еден ден влегуваат околу 5.000 возила, вклучувајќи ги и возилата на вработените во центарот. Со него во моментов се уште стопанисува ЈП „Градски паркинзи“.
Алиу во понеделникот беше во посета на општата болница во Кочани каде што се врши рехабилитацијата на повредните од пожарот во Кочани и кажа дека е разговорано да се отвори мултифункционален иновативен центар, што ќе нуди различни услуги, сервиси, простор за младите и другите во Кочани. Имале неколкучасовна средба со експерти, родители, млади кои се директно засегнати во трагедијата и слично.
Сите активности ќе бидат насочени кон една инфраструктуа, да не се дуплираме, да имаме неколку различни инфраструктурни проекти. Замоливме да ги собереме сите тие сили, и човечки и финансиски, и да направиме инфраструктура во Кочани којашто ќе им понуди повеќе различни содржи на младите, да имаат социјален живот. Младите се богати со креативни идеи, да работиме, да креираме, да се дружиме. Ќе биде отворен сервис за граѓаните на Кочани. Од ваков тип на центар може да излезат нови стартапи. Тие млади се креативни и своите идеи ќе може да ги реализираат. Ќе работиме интензивно што поскоро да биде направен, изјави Алиу.
На брифингот Алиу кажа дека било одлучено Министерството за здравство заедно со Владата да преземе лидерство во координацијата со сите процеси, во врска со тоа каков вид на донации се потребни. Министерството ќе ја раководи работната група, во која ќе има и претставници од други институции.
Во недела ќе ги соопштиме и имињата на луѓето од работната група, како да се контактира со нив. Пред нас се приоритети, краткорочни и долгорочни процеси“, потенцираше тој.