Skip to main content

Членови на КЕП на средба со францускиот амбасадор: Разговори за забрзување на евроинтеграцијата на Македонија

Членови на собраниската Комисија за европски прашања (КЕП) денеска оствариле средба со амбасадорот на Франција, Кристоф ле Риголе, при што биле разменети мислења за процесот на евроинтеграција на Македонија, со акцент на француската поддршка на тој пат.

Како што информираат од собраниската прес-служба, заменик-претседателот на КЕП, Игор Здравковски истакнал дека зацртаната цел за полноправно членство на нашата земја во ЕУ не е само политичка декларација, туку реална акција за исполнување на потребните реформи.

Здравковски се осврнал и на улогата на Собранието во процесот на интеграција, нагласувајќи ги надлежностите на КЕП во таа насока.

Амбасадорот Риголе посочил на интензивираната билатерална соработка во последниот период, меѓу другото и на ниво на парламенти, нагласувајќи го притоа интересот на Франција за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, што е од посебно значење во период на поместувања на геополитички план.

Францускиот амбасадор упатил и на потребата од правилна интерпретација на, како што рече, компромисот од 2022 година или т.н. француски предлог, посочувајќи притоа дека е мошне важно да се деблокира пристапниот процес за нашата земја, што е во интерес на сите засегнати страни.

Тој оценил дека за Македонија е од клучна важност да се качи на добриот воз во процесот на проширување, заедно со земјите кои брзо напредуваат.

Пратениците од КЕП и францускиот амбасадор размениле мислења и за спроведувањето на Реформската агенда, за одговорноста на сите политички фактори за ЕУ-интеграцијата, како и за важноста од приоритизација на реформите во одредени области, како што се владеењето на правото или правата на малцинските заедници.