
Според истражување на јавното мислење во Германија, спроведено од агенцијата ИНСА, поддршката за Христијанско-демократската унија/Христијанско-социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ) се зголемила на 27 отсто (+1), додека таа за „Алтернатива за Германија“ (АзГ) опаднала на 23 отсто (-1), јави „Билд“.
Двете партии сега се одделени со четири процентни поени – најголема разлика од март наваму. На почетокот на мај, ЦДУ/ЦСУ и АзГ беа изедначени со по 24,5 проценти. Оттогаш, ЦДУ/ЦСУ бележат континуиран раст, додека АзГ губи поддршка.
Истражувањето на ИНСА исто така покажува дека сојузниот канцелар Фридрих Мерц станува сè попопуларен. Во моментов, 36 отсто од испитаниците се изјасниле дека се задоволни од неговата работа, што е за 13 процентни поени повеќе во споредба со почетокот на неговиот мандат пред четири недели.
Расте и популарноста на целата Влада. Според истото истражување, 37 отсто од Германците (+8) изразиле задоволство од работата на владата.
Шефот на ИНСА, Херман Бинкерт, ја коментира зголемената популарност на канцеларот: „Мнозинството Германци ја поддржуваат миграционата политика на Мерц. Тој го поддржува министерот за внатрешни работи Александер Добриндт, ЦДУ/ЦСУ се обединети. Посетата кај Доналд Трамп исто така беше успешна. Мерц добива сè поголем авторитет како канцелар. Затоа ЦДУ/ЦСУ добиваат поени во анкетите“.