Националната установа Музеј Куманово организира бројни настани, изложби, промоции на нови публикации, едукативни програми и други културни активности во чест на шеесет години од постоењето на установата, соопштија денеска од Музеј Куманово.
– Музејот е еден од најзначајните културни центри на нашата република, и има долгогодишна традиција во собирање, чување, истражување, документирање и презентирање на културното наследство на Куманово и неговата околина. Во континуиран растеж, преку своите изложби, промоции, едукативни програми и други културни и уметнички активности, НУ Музеј Куманово ја докажува својата трајна посветеност кон збогатувањето на индентитетот на Куманово и Македонија, изјави ВД директорот на установата Марија Живачки.
По повод 60-годишниот јубилеј, Музеј-Куманово подготви специјална програма за граѓаните и љубителите на културата, меѓу нив изложбата „Сеќавања на археолозите Блажо Ѓеорѓиевски, Ленка Трајковска и Јовица Станковски, Уметничка галерија Куманово“ која ќе биде поставена до 13 декември. Во чест на шеесетгодишниот јубилеј изложба ќе има и светскиот реномиран академски уметник, Синиша Кашавелски кој ќе изложи свои дела од 16 до 20 декември. Самата установа во уметничка галерија Куманово ќе ја презентира изложбата за развој на музејот и неговите постигнувања на 21 декември. Кумановци ќе имаат можност да ја проследат и изложбата 50 години јубилеј ликовна колонија „Куманово“ (1974-2024), уметничка галерија, од 25 декември се до 23 јануари, идната година. Во чест на јубилејот Музејот организира бесплатен влез на постојаната музејска поставка во тек на цел декември.
– Национална установа Музеј-Куманово останува посветена на својата мисија и во иднина да ја пренесува културната меморија на идните генерации. Јубилејот не е само време на прослава туку и можност за поставување на нови цели и уште поголем придонес кон културата и културното наследство, додава Живачки.
Музејот е основан во 1964 година и оттогаш преку своите изложби и активности, игра важна улога во чувањето на историските сведоштва, уметничките и етнолошките колекции. Тој е дом за бројни археолошки, етнолошки, историски и уметнички предмети кои ги отсликуваат различните периоди од развојот на овој регион. Со настаните организирани во чест на јубилејот се слават значењето и придонесот на установата за развој на македонската култура.