
Три лингвистички изданија промовираше денеска издавачката куќа „Бата прес“ во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во рамки на одбележувањето 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик: прв том од Правописно-нормативен речник на македонскиот стандарден јазик од група автори, „Јазично огледало“ (книга прва) на проф. д-р Васил Дрвошанов и „Лексиката на македонските автори“ од проф. д-р Елена Јованова-Грујовска и проф. д-р Весна Костовска.
Првиот том од Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик го претстави рецензентката Весна Костовска од Институтот „Крсте Мисирков“, истакнувајќи дека изданието е, всушност, прирачник наменет за широк круг корисници кои сакаат да проверат некој збор. Соопшти дека наскоро се очекува и електронска верзија што ќе овозможи брз и лесен пристап.
Нагласи дека во изданието првпат се бележат и феминативите т.е. произведување именка од женски род од именка од машки род заради родова еднаквост, особено кога се работи за професии кои досега имале облици во машки род.
На пример, имаме педагогинка наместо педагог, или гинекологинка. Така што, ние денеска сме промоторки на речници и книги, што значи еден цивилизиран чин и напредок воопшто, кој се одликува и во вакви изданија. Релативно е како сега тоа ќе звучи. Ќе треба да слегне и некои работи ќе бидат примени, некои не. Некогаш не успева нешто што е веќе стандардизирано, а има некои што не се во стандардот, а се употребуваат. Затоа, се дава новиот збор и ќе се обидуваме да ги чувствуваме како вообичаени. Како што има кажано Благоја Корубин – пуштете го зборот, па ако се нафати, тоа е во ред. А за да се нафати, важно е и ние да сигнализираме, често но без наметнување и кавги, туку на коректен начин да се промовираат новите работи, рече Костовска.
Предмет на анализа во изданието „Јазично огледало“ е јазикот во практиката. Содржи 101 напис за јазикот во медиумите, главно печатените, при што, вели авторот проф. Дрвошанов, забележливо е отстапување од стандардниот јазик.
Се разгледуваа 101 прашање во мас-медиумите и за сите нив е дадена разврска. На прво место е употребата на туѓи зборови, главно од англискиот, или, пак, од српскиот. Наидуваме и на примери кои се многу апсурдни, како „див волк“ или „нови насади грозје“, а знаеме дека ниту има питом, ниту див волк, туку само волк, а грозјето е плод и наместо насади – треба садници. Или, да речеме, има конструкции туѓи за македонскиот стандарден јазик, од типот Скопје џез фестивал. Тоа не се трпи во македонскиот јазик и најдобро решение би било Скопски фестивал на џезот, како што се Струшки вечери на поезијата. Такви прашања има премногу и јас укажувам како треба да бидат решени, изјави Дрвошанов.
Проф. д-р Елизабета Бандиловска ја промовираше книгата „Лексиката на македонските автори“ од проф. д-р Елена Јованова-Грујовска и проф. д-р Весна Костовска. Како што посочи, опфаќа опсежна анализа на лексиката во делата на повеќе македонски автори, почнувајќи од Марко Цепенков, Крсте П. Мисирков и неговата „За македонцките работи“, Кочо Рацин, потоа Блаже Конески, Тихо Најдовски, Петре М. Андреевски, Јован Павловски, Горан Стефановски.
Целта на овој научен труд е да се направи споредбена анализа на лексиката што ја користеле автори во различни временски периоди во нивното творештво, но и да се предочи дека секогаш можеме да се потпреме на македонското лексичко богатство кога ќе се најдеме во дилема под напливот на туѓи зборови. Дури може и да побараме лексеми меѓу старите македонски архаични и дијалектни зорови и да ги издигнеме на ниво на стандардна лексика. Оттука е важно значењето на оваа книга за младите генерации – што повеќе да го сакаме македонскиот јазик и да користиме македонски зборови, истакна Бандиловска.
Проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, една од авторките на книгата, додаде дека се работи за стилистичко разгледување на лексиката во дела на македонски автори – покрај стандардни зборови, употребени се и историзми, архаизми, жаргонска лексика…
Потребни се многу вакви проучувања затоа што македонските автори секогаш се разгледуваат, пред сѐ, од книжевен аспект, но и лингвистичкиот е исклучително битен затоа што еден речник се пополнува најмногу од лексиката во македонското книжевно творештво, изјави Јованова-Грујовска.
Ненад Батковски, основач и главен уредник на издавачката куќа од „Бата прес“, соопшти дека во изминатите 20 години имаат објавено 30-ина лингвистички и лексикографски изданија кои, рече, се значајни за македонскиот јазик. Планираат да објават и нови вакви трудови и најави наскоро излегување на Речник на синоними од Толе Белчев и Снежана Веновска-Антевска.
Нивните лингвистичките изданија најмногу ги купува стручната јавност, но има, рече, и заинтересирани купувачи, и во земјава и во странство.
Ние ги претставуваме на меѓународни саеми на книга како капитални изданија на македонски јазик, додаде Батковски.