
Во период на општествени промени и предизвици, културата често останува во сенка. Но, токму во тие моменти, се издвојуваат визионери кои докажуваат дека културната политика може да биде клучен двигател за напредок.
Во екот на Мајски оперски вечери, разговаравме со Оливер Арсовски, директор на Националната опера и балет, за неговата визија, резултатите и иднината на оваа значајна институција.
Која беше вашата прва цел кога ја презедовте функцијата директор на МОБ?
Од самиот почеток, мојата определба беше јасна: стабилизација и унапредување на институцијата во сите нејзини аспекти. Се соочивме со сериозни предизвици, од технички до кадровски. Започнавме со итна санација на објектот, имплементиравме систематизација на работата, и обезбедивме подобри услови за работа за повеќе од 400 вработени. Мојата визија е МОБ да биде место на уметничка сигурност, а не на импровизации.
Како успеавте да ја стабилизирате програмата и да создадете репертоар со уметнички континуитет?
Воспоставивме годишен репертоар, суштински чекор, со кој добивме предвидливост, подобро планирање и квалитетен процес на подготовка. Најголемиот дел од комерцијалните изнајмувања на театарот беа заменети со автентична продукција на класични и современи оперски и балетски претстави кои се дел од репертоарот на куќата.
Мајските оперски вечери се повторно во фокусот на јавноста. Како гледате на нивниот развој?
Особено сум горд на Мајските оперски вечери, кои добија нов уметнички лик и афирмација, притоа станувајќи симбол на современиот културен идентитет во земјава. Фестивалот, оваа година, доби нов концепт, уметничка тежина и меѓународна видливост.
Распродадените претстави и ентузијазмот на публиката се доказ дека сме на вистинскиот пат, дека постои интерес за висока уметност и дека публиката ја препознава нашата искреност и квалитет.
МОБ сè почесто се споменува во контекст на културната дипломатија. Какво е вашето мислење?
Гостувањата во Австрија, Бугарија, Словенија, Турција, како и соработките со светски имиња како Пласидо Доминго се од исклучително значење и ја позиционираат институцијата на меѓународната карта. Благодарение на поддршката од државните институции и приватниот сектор, покажавме дека културата не е трошок, туку вредна инвестиција во имиџот и моќта на државата.
Што би сакале да остане како трајно наследство од вашиот мандат?
Сакам да оставам институција што инспирира. Верувам дека улогата на културните институции е да бидат морален и интелектуален компас на општеството. Инсистирам да ја третираме културата како темел на нашиот идентитет. МОБ треба да биде огледало на културната зрелост на нашето општество и жив доказ дека таму каде што цвета културата, цвета и државата.
Како гледате на односот помеѓу јавната поддршка и поддршката на приватниот сектор во развојот на културата?
Односот мора да биде партнерски. Државната поддршка е основа за функционирање на културата, но вистински можеме да растеме кога и приватниот сектор препознава вредност во културата. Се стремиме да ја зголемиме довербата кај компаниите преку транспарентни проекти, заеднички настани и можности за брендирање. Кога културата и бизнисот соработуваат, добиваат сите: уметноста, економијата и општеството.
Подготви: Невена Поповска