Skip to main content

Прослава на книжевноста за деца и млади: Четврто издание на YES ФЕСТИВАЛ во Скопје

Од 26 до 30 мај во Скопје, по четврти пат ќе се одржи „YES ФЕСТИВАЛ (Млади европски приказни, млади креативци)“ во организација на издавачката куќа „Чудна шума“.
Фестивалот традиционално се одржува на повеќе локации во Скопје, со предвидени различни активности за младите читатели и креативци, но, од годинава, со програма и за возрасните читатели.

Утринската програма се одвива во објектите на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“: централен објект, библиотеката „Другарче“ и библиотеката „Страшо Пинџур“ ќе се одржат креативни работилници за деца од основни училишта и градинки од затворен тип, поврзани со изданијата на „Чудна шума“. Оваа година, децата ќе имаат можност да имаат креативни работилници поврзани со книгите „Храброто срце Хермит“ и „Беззборовната Ела“, книги кои обработуваат значајни теми како врсничкото насилство, инклузијата и екологијата, а една од работилниците ќе се одржи заедно со холандскиот автор Едвард ван де Вендел, кој е гостин на фестивалот. Работилницата поврзана со неговата книга за деца „Мишка“ ја раскажува приказната за малечката Роја, деветгодишно девојче од Авганистан чие семејство морало да ја напушти родната земја кога таа била премала за да се сеќава.

Главниот дел од програмата се одвива три дена, од 26 до 28 мај, од 17 до 21 часот во „Младинскиот културен центар“ во Скопје, каде се предвидени повеќе промоции на книги за деца и млади и креативни работилници за деца, организирани од „Чудна шума“ и уште неколку издавачки куќи фокусирани претежно на книжевност за деца и млади: „Светулка“, „Сказнувалка“ и „Гаврош“.
На денот на отворањето на фестивалот, 26 мај, предвидени се дури три промоции на книги: промоција на сликовницата „Шарен, бистар свет“ на авторката Јелена Никодиноска Чаповска и илустраторката Иванка НиБа, промоција на романот за деца и млади „Приказни од Sунливото Море“ на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Наталија Лукомска (двете во издание на „Чудна шума“), како и мини концерт и промоција на креативната сликовница „Хармоника Картоника“ на Неше Рамовиќ и Владимир Лукаш (во издание на „Светулка“).
Во овие три главни фестивалски денови во МКЦ, во рамки на програмата за деца и млади, ќе се одржат многубројни креативни работилници: „Куќата на детството“, работилница посветена на оние кои многу одамна биле деца („Гаврош“), потоа „Боите на виножитото“ со авторката Елена Граматикова, „Мишка“ со Билјана Црвенковска и „Потрага по храброст“ со Биљана Стојановска и Владимир Лукаш („Чудна шума“), работилниците „Облеката низ времето“ со Марија Николова, „ Куќичката на 7-те наџуџиња“ со Ана Голејшка Џикова и Иванка НиБа, „Девојчето со форичката“ со Наташа Андонова и „Црното маче“ со Наталија Лукомска („Светулка“), како и работилниците „Приказна за виножитото“ и „Суштествата од дното на океанот“ („Сказнувалка“).

Новитет годинава е што „Чудна шума“ воведува и OFF-програма на фестивалот наменета за возрасни читатели (и возрасни млади), книжевни вечери што ќе се одржуваат во кафе-книжарница „Буква“.
Главниот настан, вечерта на 28 во 20 часот, е промоцијата на романот за т.н. „возрасни млади“ – „Денови на Блуграс-љубов“ на гостинот на фестивалот, авторот Едвард ван де Вендел. Ван де Вендел е плоден и разноврсен книжевен творец: романи за млади, детски приказни, песни, публицистика, поезија, сликовници, преводи… тој сѐ умее. Тој е и општествено ангажиран и со своите дела им се обраќа на читателите со топлина, без притоа да ја жртвува книжевната вредност на делото.
„Денови на Блуграс-љубов“ е првпат издадена во Холандија во 1999 година и оттогаш доживува преводи на многу јазици и ревидирано издание. Како роман за млади кој веќе се смета за европски класик, но истовремено револуционерен − поместувајќи ги границите и рушејќи ги табуата − сега првпат е достапен и за македонската читателска публика.

Последната фестивалска вечер, во рамки на OFF-програмата во „Буква“, ќе се одржи промоција на хаику поетската збирка на Теа К. и Гето Руди – „Шах-мат“, едно креативно издание со две корици кое се чита од две страни – првата дело на авторката Теа К., а другата дело на авторот Гето Руди. Освен што и самата книга е необична, од „Чудна шума“ велат дека „и самата промоција ќе биде едно несекојдневно доживување – една партија хаику-шах – која во никој случај не треба да се пропушти“.