Skip to main content

Од Абецедарот во Атина до електронскиот фонт во Скопје ‒ разговор со Ласко Џуровски

На поетската сцена во главниот влез на Скопје Сити Мол, денес, со почеток во 17:00 часот, ќе имате можност да присуствувате на разговорот со Ласко Џуровски, македонски графички дизајнер, типограф и еден од ретките автори на фонтови со поддршка за македонската кирилица. Со години наназад, тој е посветен на визуелната форма на нашиот јазик, создавајќи фонтови што се функционални, но во себе ја носат и естетиката и духот на македонската културна традиција.

Како изгледа јазикот кога го гледаме, не само кога го слушаме или кога читаме? Како типографијата влијае врз нашата перцепција на македонскиот јазик и неговото достоинство во јавниот простор, во книгите, на интернет?

– Што значи да се креира фонт за јазик со мал број говорители?
– Зошто е важно визуелното претставување на кирилицата?
– Како типографијата учествува во градењето на идентитетот?

Овој настан е дел од второто издание на „Денови на поезијата“ во организација на Скопје Сити Мол и фондацијата „Ацо Шопов ‒ Поезија“ во соработка со ПНВ Публикации и со други чинители, и има за цел да отвори дијалог за значењето на визуелната култура и дизајнот во зачувувањето на јазичната посебност.

Разговорот ќе го води Јулијана Величковска.

Влезот е слободен.

Добредојдени се сите љубопитни умови, дизајнери, лингвисти, писатели, студенти и љубители на јазикот и на визуелната уметност.

Поврзани вести