Skip to main content

Никола Маџиров добитник на меѓународната награда за поезија „Н. К. Казер“ на „Литератур Лана“

Арс Ламина

Никола Маџиров е добитник на меѓународната награда за поезија „Н. К. Казер“ која ја доделува „Литератур Лана“ во Јужен Тирол, на северот од Италија. Наградата се доделува на секои две години, а Маџиров е 19-от добитник во речиси 40-годишната историја на оваа престижна меѓународна поетска награда.

Меѓу досегашните добитници биле и лауреатот на Струшките вечери на поезијата — Генадиј Ајги, добитникот на наградите „Т.С. Елиот“ и „Форвард“ — британскиот поет Џон Брнсајд, германската поетеса и лауреатка на наградите „Георг Бихнер“ и „Георг Тракл“ — Елке Ерб, добитничката на меѓународната поетска награда „Грифин“ — американско-белоруската поетеса Валжина Морт, шведската поетеса Осе Берг, а последен добитник беше швајцарскиот поет и лауреат на наградите „Монтале“ и „Шилер“ — Фабио Пустерла.

Наградата се состои од признение и паричен износ од 10.000 евра, а церемонијата на доделувањето на наградата ќе се одржи на 3 јуни во Лана на северот од Италија, каде што поезијата на Маџиров ќе се чита на македонски, германски и италијански јазик. Беседа за неговата поезија ќе одржи германскиот писател и уредник, Михаел Кригер, добитник за животно дело на Лондонскиот саем на книгата.

Во образложението за наградата е наведено:

„Маџиров спаѓа во највпечатливите гласови на Европа. Тој е ретко кревок во својата радикалност. Постојано ги разнишува утврдените нешта, ја руши историјата и ги преминува сегашноста и минатото според законите на сеќавањето, кое неуморно талка низ времињата. Во поезија полна со митски и секојдневни слики, тој го открива изгубеното и незнајното и им придава блескав израз. Иако знаеме дека сме во овој свет само за кратко време, некои луѓе се однесуваат како светот да им припаѓа ним. Дури и книжевниците не се ослободени од оваа ароганција. Сепак, Никола Маџиров избира да ѝ пристапи на реалноста со голема скромност. Тој речиси станува невидлив за да им дозволи на своите песни да блеснат. “

Наградата е именувана според поетот Н. К. Казер (1947-1978), кој пишувал на италијански и германски јазик, познат по својот радикален поетски израз, по немирниот и номадски дух наспроти кревкото здравје, а самиот бил преведувач на поезијата на Умберто Саба и Салваторе Квазимодо. Поезија и есеи на Маџиров во превод на Александер Зицман ќе бидат вклучени во антологијата по повод јубилејот „40 години Литератур Лана“ заедно со другите добитници на Лана наградите и соработници како нобеловките Херта Милер и Светлана Алексиевич, Томас Венцлова, Џон Брнсајд, Марија Степанова и други.

Никола Маџиров минатата недела ја промовираше книгата на италијански јазик „Изреченото нѐ прогонува“ во полниот театар на меѓународниот книжевен фестивал во Киасо, во Швајцарија, кој беше посетен од 6.500 луѓе, каде што гостинка беше палестинската прозаистка Аданиа Шибли. По церемонијата на наградата во Лана, Маџиров продолжува со читања во Антверпен, Џенова, Берлин, Дрезден и други градови во Европа.

Поврзани вести