
Жителите на Германија „тесно“ го поддржуваат преминувањето кон неделно ограничување на работните часови, наместо задржување на сегашното ограничување од осум часа дневно, според анкетата спроведена за новинската агенција ДПА од страна на компанијата за испитување на јавното мислење „ЈуГов“. Анкетата покажа дека 38 проценти од испитаниците ја поддржуваат мерката, 20 проценти се против неа, а 37 проценти се воздржани.
Предлогот, вклучен во коалицискиот договор на новата германска влада, би го заменил сегашното осум часовно дневно ограничување со неделно ограничување, со цел да се овозможи поголема флексибилност во распоредот на работното време.
Според предложената промена, вработените би можеле да работат подолго помалку денови, на пример, четири дена по 10 часа наместо пет дена по осум часа.
Од испитаниците кои ги поддржуваат овие мерки, 82 проценти рекле дека овој модел нуди поголема флексибилност, како што е овозможувањето подолги викенди. Околу 44 проценти исто така гледаат предности за работодавците кои повеќе нема да бидат обврзани со ограничувањето од осум часа дневно.
Од друга страна, критичарите стравуваат од намалена продуктивност и замор на работниците. Така, две третини од противниците на мерката велат дека продуктивноста би се намалила по осум часа работа, а 61 процент се загрижени дека продолжените смени би ги оптовариле вработените.
На прашањето да изберат помеѓу работа четири дена од 10 часа неделно или пет дена од осум часа за иста плата, 37 проценти ја претпочитале четиридневната работна недела, додека 28 проценти го поддржале постојниот традиционален модел.
Повеќе од половина од противниците тврдат дека не можат да останат продуктивни повеќе од осум часа, а околу 40 проценти изразиле загриженост за помалку време што ќе го имаат на располагање за семејството и хоби.