Skip to main content

Милошоски: Благодарение на политиките на СДС, Македонија е во состојба на блокирани преговори со ЕУ

принтскрин ТВ24

Во вчерашното гостување на Телевизија 24 во емисијата „Анализа“ пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, дебатираше за вчерашната посета во Македонија од страна на претседателот на Советот на Европска Унија, Антонио Кошта, со потпретседателката на СДСМ Фани Каранфилова Пановска.

Милошоски директно и објасни зошто Македонија се наоѓа во ситуација на блокирани преговори, потенцирајќи дека „СДС и покрај сите противења на пратениците и граѓаните ги погазиле нивните барања и го прифатиле она кое не можеле да го испорачат“.

Се наоѓаме во ситуација на блокирани преговори, токму благодарение на политиките на Бујар Османи, на Димитар Ковачевски, Артан Груби и на Зоран Заев, овие луѓе пред пет години тврдеа дека Македонија отпочнала преговори за членство со една фотографија од владиниот авион. Зоран Заев од една конференција во Атина даде изјава дека спорот со Бугарија, му изгледа смешен и национален, за потоа истата партија и истите луѓе да го прифатат тоа што 80% од Македонците не го прифаќаа. И да го прифатат тоа што не можеа да го испорачат, уставните измени по барање на Бугарија. Иако истата политичка партија организираше и референдум којшто вклучуваше и прашање за членството во ЕУ затоа според мене изјавите на претседателот на Европскиот совет не се изненадување, рече Милошоски.

Пратеникот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ предупредувала на негативните ефекти од потпишувањето на договорот за добрососедство и дека сега Владата се бори да го најде најдоброто решение.

Навремено предупредувавме дека и потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија 2017, и прифаќањето на францускиот предлог не се паметни потези, сега треба да најдеме решение, но за да најдеме решение добро е креаторите на овој проблем да ја согледаат оваа дијагноза и заеднички да поставиме црвени линии, рече Милошоски.

Милошоски потенцираше дека СДСМ направила голем незрел дипломатски чекор и стратешка грешка со којашто не се слушал гласот на народот и покрај референдумот.

Многу е погрешно да се прифати една таква голема концесија без национален консензус а притоа концесијата да биде поврзана со отварање на поглавјата, тоа е многу незрел дипломатски политички чекор. Вие направивте стратешка грешка со таквото сервилно однесување на коешто цела јавност се спротистави. Ние знаеме која беше голготата којашто ја помина Македонија со блокадата од Грција, со ваквото однесување вие создадовте методологија ние повторно да одиме еден таков трнлив пат, еден пат којшто прво значи  нефер однесување кон Македонија бидејќи се прифаќаат критериуми коишто не се дел од критериумите на Копенхаген, и второ методологија којашто не нѐ носи до полноправното членство туку не носи до отварање на преговорите и неизвесност после тоа, дециден е Милошоски.

На крај Милошоски додаде дека доколку се прифатат барањата на Бугарија можно е да се случи Македонија да добие ново вето, или да стане асоцијативна членка со одредени ускратени права.

Грешката е направена што е прифатен услов којшто не бил прифатлив за мнозинството пратеници и за мнозинството граѓани. Затоа сметам дека треба да бидеме многу претпазливи, можеме да го смениме Уставот утре и задутре да добиеме ново вето и да имаме ново разочарување, и може да се случи да го смениме Уставот и никогаш да не станеме полноправна членка односно да ни се понуди за 4 години од денес да бидеме асоцијативна членка со одредени ускратени права во рамките на ЕУ, објасни Милошоски.

Поврзани вести