
Најважниот англиски средновековен документ Магна Карта Либертатум (Magna Carta Libertatum) од 1215 година, за слободите и правата на поданиците, погрешно бил каталогизиран како копија во 1946 година и продаден за „многу смешна цена“, дури на крајот да се утврди дека стаува збор за оригиналот.
Познатата Магна Карта била потпишана на 15 јуни 1215 година од англискиот крал Џон без Земја во Ранимид во близина на Виндзор, и со текот на времето таа станала симбол на ограничувањата на произволната моќ на владетелот.
Библиотеката на Правниот факултет на Харвард го купила документот од лондонски продавач на книги за 27,50 долари, пред да се дознае дека станува збор за оригиналот на еден од најзначајните зачувани документи, особено во традицијата на англосаксонското право.
За разлика од „копијата“, една Магна Карта беше продадена на наддавање на аукциската куќа Sotheby’s во Њујорк во 2007 година за повеќе од 21 милион долари.
Откритието дека „извалканата и избледена копија“ на Харвард всушност била оригиналот го направил Дејвид Карпентер, професор по средновековна литература на Кингс колеџот во Лондон, а во истражувањето на документот му помогнал експертот за Магна карта, Николас Винсент, професор по средновековна литература на Универзитетот во Источна Англија.
„Магна Карта-та на Харвард е еден од само 25 познати оригинали“, вели Винсент.
За да се докаже дека ова е оригиналното издание на Магна Карта од 1300 година, за време на владеењето на кралот Едвард I, биле извршени бројни анализи. Постојат седум познати оригинални изданија на Магна Карта од 1300 година.
„Харвардската Магна Карта заслужува признание, не како обична копија, извалкана и избледена, туку како оригинал на еден од највредните документи во историјата на уставното право, темел на минатите и сегашните слободи и на идните слободи што допрва треба да се освојат“, рече Карпентер.
Англија нема устав во форма на еден документ како повеќето земји, но нејзините уставни закони се составени од низа документи, од кои првиот се смета за Магна Карта.