
Талибанските власти во Авганистан привремено ја забранија играта шах, наведувајќи загриженост дека играта би можела да биде форма на коцкање. Како што објавија официјалните лица, забраната останува на сила до понатамошно известување, односно додека не се утврди „дали шахот е во согласност со исламскиот закон“.
Шахот е најновиот во низата спортови што Талибанците одлучија да ги ограничат. Да ве потсетиме дека во пракса, на жените речиси целосно им е забрането да спортуваат. Откако се вратија на власт во август 2021 година, Талибанците постепено воведуваат закони и прописи што го одразуваат нивното строго толкување на шеријатскиот закон.
Во неделата, Атал Машвани, портпарол на спортскиот директорат на Талибанците, изјави дека шахот се смета за „средство за коцкање“ според исламскиот закон.
Талибанците, исто така, ги забранија борбените спортови како ММА минатата година, тврдејќи дека се премногу насилни и некомпатибилни со исламските принципи. „Утврдено е дека овој спорт е проблематичен во контекст на шеријатот и дека содржи бројни елементи што се спротивставуваат на исламските учења“, изјави тогаш портпаролот на талибанската влада. ММА натпреварите всушност беа укинати во 2021 година, кога беше воведен закон со кој се забранува „удирање по лице“.