
Надеж дека со новиот папа Лав Четиринаесетти ќе продолжи и соработката и дијалогот, изрази вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој говореше на настан во Атина организиран во негова чест, што се одржа синоќа, кусо откако излезе белиот час од Сикстинската капела, со што се осврна и на изборот на новиот папа, јави дописничката на МИА од Атина.
Се сеќавам од она што го научив во Рим дека Лав Тринаесетти бил познат по своето социјално учење и општествениот придонес. Се надеваме дека Лав Четиринаесетти ќе се поклони пред придонесот на црквата во светот, не само од општествена перспектива, туку со неговата улога и неговите дела, новиот брат, епископот од Рим дека ќе понуди одговор на егзистенцијалните проблеми, кои и денес продолжуваат да го загрижуваат човештвото – посочи Вартоломеј.
Додаде дека новиот папа „потекнува од голема земја што е симбол на демократијата“ и изрази надеж дека во својата црква и низ целиот свет ќе ги всади „универзалните идеали за слобода, еднаквост, правда и солидарност“, но и да помогне во запирањето на војните во Украина и на Блискиот Исток и да се избегне разгорување на конфликтот меѓу Индија и Пакистан, а луѓето да живеат во мир.
Се надевам дека ќе започнеме нова страница и нова ера во нашите билатерални односи и во односите Исток-Запад – истакна Вартоломеј.
Патријархот рече дека има намера да присуствува на устоличувањето на новиот папа и со него да разговара за продолжување на соработката, но и да го покани да дојде на Собирот во Никеја (Турција) и да ја посети Вселенската патријаршија.
Сега се надеваме дека (новиот папа) ќе сака, меѓу другото, да го промовира и негува дијалогот и пристапот меѓу Истокот и Западот. Имам намера да одам на неговото устоличување во следните денови и ќе имам можност да му предложам некои работи, секако да дојде во Никеја и да ја комбинира својата посета на Никеја со официјална посета на Вселенската патријаршија на нашиот престолен празник на Свети Андреј на 30 ноември – рече вселенскиот патријарх.
Во говорот опширно се осврна на развојот на односите меѓу православието и католицизмот, истакнувајќи го напредокот постигнат во последните децении, а се задржа на делото на папата Франциск, со кој, како што рече се обиделе „во целосна хармонија и меѓусебно разбирање“ да го продолжат дијалогот.
Истакна дека се сретнале над десет пати, а детално се задржа на средба во Ерусалим.
На мој предлог направивме поклонение во Ерусалим за да ја прославиме 50-годишнината од историската средба на нашите претходници, Атенагора и Павле Шести, што навистина беше историска средба на Истокот и Западот, по векови пред гробот на Исус. Двајцата клекнавме пред гробот и се помоливме за повторно обединување на нашите цркви и за целото човештво. Беш скромен човек, едноставен, со хумор – нагласи Вартоломеј.