
Сите знаеме дека во време на економска криза, секој денар е важен. И секоја промена на пазарот директно се одразува врз секојдневниот живот на нашите граѓани – во лебот што го купуваме, во маслото, шеќерот или хигиенските производи.
Затоа, како Министерство за економија и труд, од првиот ден сме посветени на заштита на животниот стандард на граѓаните и обезбедување стабилност на цените – истакна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши на денешната прес-конференција на која информираше за последите податоци на Државниот завод за статистика за инфлација во април.
Благодарение на мерките преземени од почетокот на годината – вклучувајќи го ограничувањето на маржите на прехранбени и хигиенски производи – денес имаме конкретни резултати.
Официјалните податоци покажуваат дека:
-Инфлацијата за месец април е практично нула во споредба со март, 0.6% зголемување;
-Во споредба со април минатата година, инфлацијата изнесува 2,6%;
-Цените на храната се речиси непроменети – само 0,3% годишен раст, и намалување од -1,3% во споредба со декември 2024 – истакна Дурмиши.
Според него ова се факти што покажуваат дека економијата е постабилна, и граѓаните не се соочуваат со неподносливи поскапувања.
Но, тука нема да застанеме. Во соработка со Државниот пазарен инспекторат, секојдневно ја следиме динамиката на цените. Досега нема значително зголемување по завршувањето на мерката. Но, доколку некој се обиде да ја злоупотреби ситуацијата – ќе реагираме веднаш.
И реакцијата ќе биде решителна:
-Можеме да ја прошириме листата на производи со ограничени цени;
-Да воведеме маржи за сите производи;
-Или да ги зголемиме постојните ограничувања – рече Дурмиши.
Министерството за економија и труд останува посветено на одржување на економската стабилност и заштита на животниот стандард на граѓаните.
Со одговорност, решителност и во соработка со надлежните институции, ќе продолжиме да преземаме неопходни мерки за обезбедување правичен и стабилен пазар за сите – рече Дурмиши.