
Дирекцијата за радијациона сигурност на Република Македонија прослави 20 години од своето основање, период во кој успешно ја исполнува својата клучна улога во заштитата на здравјето на граѓаните и на животната средина од опасностите од радијација. Улогата на Дирекцијата и резултатите кои ги има постигнато досега се од суштинско значење за безбедноста на државата и регионалната стабилност. На прославата на јубилејот присуствуваше заменик министерот за здравство Јовица Андовски.
Директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност Зоран Бајовски во своето обраќање се задржа на професионална посветеност на сите вработени во регулаторното тело да ја реализираат нејзината мисија.
Дваесет години се само почетокот на нашата мисија – да ја чуваме безбедноста на луѓето и на животната средина. Горди сме на резултатите што ги постигнавме и свесни сме дека пред нас стојат нови предизвици, но благодарение на посветениот тим и поддршката од меѓународната заедница, нашата институција е подготвена да одговориме на тие предизвици со знаење, стручност и одговорност. Овој јубилеј е одлична можност да се изрази благодарност за сите оние кои во изминатите години работеа во Дирекцијата, која изгради цврста основа на професионализам, транспарентност и соработка. Нејзината работа се заснова на научни принципи и меѓународно усогласени добри практики, со цел да се осигура дека употребата на јонизирачко зрачење се спроведува под строги контроли и безбедносни мерки. Таа е едно од регулаторните тела кои се во срцето на националната безбедносна инфраструктура, и така ќе остане и во следните години, рече директорот Дирекцијата за радијациона сигурност Зоран Бајовски.
Заменик министерот за здравство Јовица Андовски во обраќањето рече дека јавните здравствени установи, во кои се вршат дијагностички снимања на пациентите со мамограф, компјутерска томографија, магнетна резонанца, или пак акцелератори, работат согласно пропишаните стандарди на Дирекцијата за радијациона сигурност и Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност.
Здравствениот сектор континуирано соработува со Дирекцијата, особено во делот на јавните здравствени установи кои во својата област вршат дејност со извори на јонизирачко зрачење. Безбедноста на пациентите и заштитата на јавното здравје е наш врвен приоритет, особено во овој сегмент, и токму затоа и во рамки на Институтот за јавно здравје функционира посебно одделение за радијациона заштита, кое врши мониторинг во оваа сфера. Продолжуваме и во иднина со заеднички заложби и со меґуинституционална соработка да делуваме, со единствена цел заштита на пациентите и јавното здравје, како и заштита на животната средина“, рече заменик министерот за здравство Јовица Андовски.
Основана во 2005 година како независен национален регулаторен орган, Дирекцијата ја презеде клучната улога на контрола, надзор и лиценцирање на сите активности поврзани со јонизирачко зрачење, вклучувајќи медицински, индустриски, образовни и истражувачки апликации. Со својата дејност, институцијата обезбедува регулаторна рамка што ги следи највисоките меѓународни стандарди за радијациона сигурност и нуклеарна безбедност.
Дирекцијата разви силна институционална рамка и експертски капацитети, воспостави Национален регистар на извори на јонизирачко зрачење, води инспекциски надзор и активно учествува во меѓународната соработка, вклучувајќи и соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), каде што Македонија е активна членка од 1994 година.
Со техничка и финансиска поддршка од МААЕ, Дирекцијата работи и на модернизација на националниот регистар, односно транзиција од постоечкиот софтвер RAIS 3.3 кон напредната платформа RAIS+, која нуди зголемени можности за управување со податоци и поддршка на регулаторните активности. Новиот систем ќе овозможи попрецизна контрола, поефикасна анализа на ризици и подобрено управување со информации поврзани со извори на јонизирачко зрачење.
Покрај техничките унапредувања, Дирекцијата се вклучува во низа меѓународни програми и иницијативи предводени од МААЕ, Европската комисија и сродни регулаторни институции од регионот. Преку обуки, стручни мисии и менторски програми, се обезбедува постојан професионален развој на вработените и се јакне националниот регулаторен капацитет на институцијата во согласност со најдобрите меѓународни практики.
Еден од најзначајните аспекти на работата на Дирекцијата е постојаното следење и надзор на радијационото опкружување, како и спроведувањето на строгите стандарди за радијационата сигурност и безбедност во сите области на медицината, индустријата и научните истражувања. Дирекцијата спроведува редовни инспекциски надзори кај сите носители на одобренија и дозволи за работа со извори на јонизирачко зрачење, со што се обезбедува постојана контрола на усогласеноста со прописите и примената на мерките за заштита. Над 1.500 лиценци и дозволи се издадени досега, со фокус на медицински институции, индустриски објекти и образовни институции. Во просек се издаваат околу 120 дозволи за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење на годишно ниво. На годишно ниво се спроведуваат околу 200 инспекциски надзори.
Во рамки на своето стратешко планирање, последната ревизија за периодот 2025–2027 година ги поставува како клучни приоритети: зајакнување на системите за радијациона и нуклеарна сигурност, како и унапредување на управувањето со радиоактивен отпад. За реализација на овие цели, Дирекцијата иницираше и конкретни институционални чекори. По нејзин предлог, Владата донесе одлука за назначување оператор за идниот национален склад за радиоактивен отпад, како и усвојување на Национална политика за управување со отпадот уште во 2019 година. Со изменувања и дополнувања на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност во 2024 година се предвиде Институтот за јавно здравје како оператор на Националниот склад Во наредната фаза следува лоцирање и воспоставување на самиот склад, процес што ќе бара континуирана институционална поддршка.
Во следните години, Дирекцијата за радијациона сигурност ќе продолжи со имплементацијата на новите стандарди за радијациона сигурност и безбедност и ќе ги подобрува своите капацитети за мониторинг и контрола. Во фокусот ќе бидат и понатамошните напори за адаптација на новите технологии, како и спроведување на стратегиите за справување со радиоактивен отпад, што е глобален предизвик кој бара меѓународна соработка и стратешко планирање.