
Во психологијата на луѓето е ако не ја гледаат болеста, не размислуваат за неа. Во 2018 и 2019 година во Македонија беше прогласена епидемија на морбили, а во 2024 година во Скопје и Куманово епидемија на голема кашлица, токму поради нискиот опфат на вакцинирани деца. По подолго време се појавија болести за кои мислевме дека успешно сме ги довеле до елиминација.
Минатата недела се одбележуваше Европската недела на имунизација. Беше исгакнато дека сѐ уште е незадоволителен опфатот со МРП вакцината. Опфатот со оваа вакцина во скопските општини Аеродром, Карпош и Центар е под 60 – 70 отсто, што доведува во висок ризик од појава на епидемија со морбили.
На овие простори имавме и епидемија од морбили. Еден јавен апел до родителитe: Ова е безбедна, квалитетна вакцина што секаде и во западноевропските земји и секаде во светот се користи и навистина е безбедна и заштитува“, изјави проф. д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација на одбележувањето на Европската недела на имунизацијата.
Проф. Грозданова, во интервју за „Република“ апелира, пред се на едукација на здравствените работници и информирање на родителите од релевантни извори за спроведвуање на имунизацијата.
Професорката Грозданова смета дека ниту еден родител не треба да се соочи со болест како што се пертусис и морбили, болести што на оваа територија кај нас ги имавме последните неколку години, токму поради намалување на опфатот за овие две вакцини.
Вакциналните тимови не се предизвик за работа за младите доктори, но проф. Грозданова смета дека се многу битни и клучни за превентивата на населението. Педијатрите и матичните лекари се тие кои треба да ја уживаат најголемата доверба кај пациентите и поголемиот дел од нив веруваат во имунизацијата. Легитимно право на родителите е да поставуваат прашња и да добиваат одговори базирани на наука. Науката не е толку агресивна како социјалните мрежи.

Во време кога се одбележува Европската недела на имунизација, каква е моменталната покриеност со задолжителни вакцини кај децата во Македонија?
ПРОФ. ГРОЗДАНОВА: Секоја година одбележувањето на Европската недела на иминузација има за цел да ја покрене свесноста и да апелира на потребата од континуирана имунизација која е медицинска интервенција што обезбедува и заштитува милини животи спасени наназад со деценции. Состојбата во Македонија во оделот на имунизацијата е подобрена. Според податоците кои оваа година ги сподели Институтот за јавно здравје во годишниот извештај за опфатот со вакцинација за 2024 година покажуваат дека имаме зголемување на опфатот и подобри бројки на вакцинирани деца во однос на вакцините како што се хепатит Б, хемофилус инфлуенца и Ди-те-пер вакцините. Ова, пред се се должи на тоа што во 2024 година имавме епидемија на пертусус, односно голема кашлица, каде што беа засилени мерките за вакцинирање на децата кои ја немаа примено оваа вакцина. Меѓутоа, податоците покажуваат дека за ниту една вакцина не го постигнуваме бараното ниво за над 95 отсто опфат. Особено послаби се податоците за опфатот на вакцинирани деца со МРП-вакцината и вакцината против ХПВ.
Неколку години наназад се истакнува дека има општини и региони каде што најмалку се очекува (како Центар, Карпош, Аеродром) процентот на имунизација да е низок, а во други како Пехчево, Демир Хисар, е исклучително висок. Зошто е тоа така?
ПРОФ. ГРОЗДАНОВА: Во нашата држава имаме различен степен на опфат со имунизација и слободно можам да кажам дека постои и различно прифаќање на процесот на вакцинација. Особено е интересно дека големите општини како што се Центар, Каропш, Аеордром, кои се најгусто населени општини и се очекува дека во овие урбани населби ќе имаме поголема стапка на прифаќање на имунизацијата, токму тука имаме поголем проблем, особено, како што веќе посочив, за МРП и за ХПВ вакцините. Помалите средини во внатрешноста на Македонија, особено некои градови како што се Демир Хисар, Пехчево, Прилеп, Велес каде што опфатот е навистина многу подобар во однос на скопските општини, упатува на тоа дека авторитетот на здравствениот работник во помалите општини е навистина поинаков. Довербата во здравствените работници е на повисико ниво, луѓето ги знаат, ги познаваат своите лекари, веруваат во нивните практики. Она што секогаш го истакнуваме е дека кога самите здравствени работници, почнувајќи од свето семејство, деца, внуци ги вакцинираат, тоа значи дека тие имаат доверба. Тие со личен пример, со вакцинирањето на своите деца и внуци ја стекнуваат довербата кај родителите и тие да го сторат тоа за своите деца. Но, во Скопје имаме навистина демографски многу шарена слика. Имаме население кое е доселено во Скопје, каде што можеби тој поблизок контакт со својот лекар не постои. Тука станува збор за педијатарот, семејниот лекар, па и во вакциналните пунктови. Во овие случаи родителите го немаат оној примарен, остварен контакт на авторитет и почитување на здравствениот работник и блиска соработка. Многу веројатно е дека и социјалните мрежи, дезинформациите, лажните вести доведуваат до тоа да се создаде сомнеж кон целиот процес на имунизација. Живееме во време во кое достапноста до информации не ве прави да бидете експерт во толкување на тие информации. Понекогаш огромниот број на информации кои се споделуваат во едно поле, вклучително и во имунизацијата, ги доведува родителите до една збунетост, со огромен број на прашања кои легитимно треба да ги поставуваат, меѓутоа и не секогаш се во позиција да донесуваат правилни одлуки во однос на имунизацијата.

Како се доведовме до ситуација повторно да се вратат болести за кои мислевме дека се искоренети?
ПРОФ. ГРОЗДАНОВА: Епидемијата со пертусис во 2024 година, како и епидемијата со морбили во 2018 и во 2019 година не потсетуваат на тоа дека болестите ќе се јавуваат ако немаме висок опфат на имунизација. Самите причинители, вируси и бактерии се околу нас и не ги гледаме болестите, само благодарение на тоа дека имаме заштитено население, имаме вакцинирани деца, а тоа го обезбедува високата стапка на имунизација. Но, токму овие епидемиолошки и историски податоци покажуваат дека во моментот кога опфатот со имунизација ќе падне под одреден процент, болестите се јавуваат. Децении наназад имавме само изолирани случаи на заразени со пертусис. Но, кога опфатот со вакцинација падна меѓу 50 и 60 отсто, болеста се јави. Полиото, на пример, како вирус е искоренет, токму благодарение на високата стапка на вакцинација над 90 отсто. Затоа оваа болест не ја гледаме меѓу нас. На нашата територија се уште живеат преживеани луѓе со церебралана парализа, кои биле заразени во вирусот полио. Точно може да ги видиме бенефитите од тоа што значи висок процент на имунизација кога со децении не ја гледате болеста меѓу населението. Тука е ризикот. Кога нема доволен процент на вакцинирано население, тие историски или заборавени болести повторно може да се јават. Токму тоа беше потврдатата со појавата на пертусис во 2024 година, кога од една заборавена болест, поради недоволен опфат со вакцинирано население, се јави повторно меѓу нас. Во психологијата на луѓето е доколку не ја гледаат болеста, не размислуваат за неа. Овие болести, дел од нашите здравствени работници ги имаат учено само од учебници, никогаш во пракса не ја имаат видено клиничката слика на овие болести. Така беше кога имавме епидемија на морбили. Дел од младите лекари првпат видоа како изгледа новороденче или дете со тешка клничка слика на морбили. Токму заради тоа што децении наназад, додека тие студирале, а потоа работеле, немале можност да ги видат болестите. Луѓето се плашат само од тоа што го гледаат. Секогаш го посочуваме примерот кога имате некое акутно заболување или состојба, пиете аналгетик и гледате дека главоболката се намалува или исчезнува и верувате во начинот на делување на тој лек. Кај вакцинацијата процесот е обратен. Треба да верувате во вакцината, да ја примите однапред, за кога би биле изложени кон одредена болест или инфекција, ќе бидете заштитени. Тука е и сомнежот на дел од луѓето кои го имаат кон здравјето и превентивата. Многу е подобро превентивно да се делува, отколку да се лечи. Здравствените системи, посебно во западно-европските земји и во светот, повеќе инвестираат во превенцијата. Превентивата е исклучително висока потребна медицинска алатка за да се заштити населението, да не дојде до болест, бидејќи често лекувањето е долго, може да се јават компликации и на крај, за жал, може да има смртен исход.
Порано родителите им веруваа на педијатрите за вакцините, денес работите се сменија. Каков е сега пристапот?
ПРОФ. ГРОЗДАНОВА: Педијатрите имаат клучна улога во советувањето на младите родители. Најголем дел од педијатрите апсолутно имаат исправен став кон вакцинацијата, бидејќи тие го знаат значењето на имунизацијата и на превентивата. Но, општествените и социјалните услови кои се менуваат, дополнително и здравствените состојби кои се јавуваат, особено кај младата популација, верувам дека ги замислува и дел од педијатрите и ги доведува во прашање дали вакцините делуваат. Тоа најчесто се оние сосојби кои педијатрите ги гледаат во секојдневата пракса со пациентите. Забележуваат дека детето има пречки во развојот, се повеќе деца подоцна прозборуваат, се почесто се јавува аутистичниот спектар. Сомнежите се дека можеби сево ова се должи на вакцините. Но, фактите и аргументите го говорат спротивното. Вакцинацијата се изведува децении наназад, скоро цел век. Секаде се спроведува универзално, вакцината исто се дава и кај нас и во Европа и во САД, Австралија, Африка, Азија. Во Македонија се користат идентични вакцини кои се користат во развиените држави. Нашиот календар за имунизација навистина ги содржи сите светски одобрени, најквалитетни вакцини кои подлежат на најригорозни контроли. Тие се меѓународно проверени. Сите се со европски сертификат за квалитет. Вакцините кои ги користиме во Македонија се од исклучително висок квалитет и се многу безбедни. Двојбата во вакцините не е можеби во тој сегмент, туку повеќе во состојбите со кои педијатрите се соочуваат, ги гледаат кај децата, а тоа е се помалкку социјалното работење со децата, се помалку разговор, присуство на родителите во семејството, начинот на кој се воспитуваат децата. На овие простори ние се уште живееме, блиски сме со бабите и дедовците кои многу разговараат, ги следат децата. Но, сега тоа е сменето со појавата на технологијата. Од најмали нозе децата се со мобилен или таблет во рака, комуникацијата е еднонасочна. Тој сегмент на здравствени промени кои ги гледаат педијатрите најверојатно ги бараат во вакцинацијата. МРП вакцината 50 години се произведува во истиот состав. Зошто тогаш појавата на ваквите здравствени сосојби кај децата во однос на поспоро развивање, одреден аутистичен спектар не сме ги имале во толкава мера пред 20-30 години? Тоа значи дека други социјални, технолошки, општествени промени многу повеќе влијаеле во однос на развојот на децата и нивните здравствени сосојби отколку што тоа го прават вакцините.

Дали здравствениот систем има доволно ресурси и кадар за спроведување ефикасна имунизација?
ПРОФ. ГРОЗДАНОВА: Во принцип, нашиот здравствен систем има потреба од подобро зајакнување на човечките ресурси, особено во вакциналните тимови. Често се случува мал број лекари и медицински сестри да работат во вакциналните пунктови. Меѓутоа, треба да бидеме искрени и да кажеме дека имунизцијата се изведува многу едноставно, не бара посебна подготвеност од здравствениот работник, освен ладниот ланец кој е задолжителен. Повеќе е потребно насочување и едукација во делот на имунизација на здравствените работници и нивната мотивација да работат во превентивните тимови. Овие вакцинални пункотиви не се многу од интерес за младите доктори да останат и да работат таму. Но, верувам дека во иднина, превенцијата навистина ќе се врати како еден исклучително битен сегмент од здравствениот систем. Оттука и апел да се зајакнуваат превентивните тимови, бидејќи навистина, потребата од систематското следење на превентивата, вклучително и на имунизацијата, е многу важен за секој здравствен систем, вклучителнно и нашиот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Приватна архива