
Шпанската влада им забрани на амбасадите и конзулатите да регистрираат деца родени од сурогат мајки во странство, а новите прописи, кои стапуваат во сила утре, налагаат родителството да може да се утврди дури кога малолетникот ќе пристигне во Шпанија.
Овие мерки подразбираат поништување на сите тековни процеси на регистрација и им забрануваат на дипломатите да прифаќаат изводи од матична книга на родени издадени од странски земји, во кои шпански државјани се признати како родители на дете родено со сурогат мајчинство.
Сурогат мајчинството е забрането во Шпанија од 2006 година, но досега шпанските парови регистрираа деца родени преку сурогат мајчинство во други земји доставувајќи пресуди од странски судови со кои беа признати како родители на бебето.
Тие документи досега беа доволни за дипломатите да одобрат запишување на детето во шпанскиот матичен регистар, но ситуацијата се промени минатиот декември кога Врховниот суд на Шпанија пресуди дека таа постапка е незаконска.
Левичарската влада на премиерот Педро Санчез почна чекори кон заострување на забраната бидејќи се противи на таа практика од феминистички причини, пренесува Политико.
Во ревизијата на законот за абортус од 2023 година, сурогатството е опишано како облик на насилство врз жените, а минатогодишната пресуда на Врховниот суд ја осуди таа практика како „напад на моралниот интегритет на бремена жена“ и мерка која ги третира децата како „обична стока“.
Шпанскиот закон дозволува само возрасно лице кое е биолошки поврзано со дете родено преку сурогатство, обично таткото, да биде регистрирано како родител, а другиот партнер мора да поднесе барање за посвојување откако сурогат мајката формално ќе се откаже од малолетникот.
Се очекува забраната за сурогатство во Шпанија дополнително да се засили со законот за трговија со луѓе кој ќе биде претставен подоцна оваа година.