
Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 46. седница не го усвои Предлог-законот за денови на жалост, поднесен од Левица по скратена постапка. За предлогот гласаа 19 пратеници, што не беше доволно за негово усвојување.
Пратеникот Амар Мециновиќ од Левица, образложувајќи го предлогот, истакна дека „тагата не смее да биде дел од политички наратив“ и дека со законот се бараат јасни и унифицирани критериуми за прогласување денови на жалост, кои не би зависеле исклучиво од одлуката на Владата.
Посочи дека Предлог-законот се залага за регулирана медиумска програма без забавни и политички содржини за време на деновите на жалост, како и воведување едноминутно молчење и санкции за недолично однесување.
Овој закон никако не навлегува во правото на слобода за изразување и во регулирањето на приватните субјекти, туку ги подразбира измените кои ќе дозволат како нација да ја доживееме тагата во која што сме се нашле и да се дозволи на вистински начин да закрепнеме од колективните трагедии, рече Мециновиќ.
Потенцираше дека предлогот се однесува на јавниот и институционалниот домен, со фокус на одбележување на трагични настани на национално и локално ниво.
Во предлогот стои дека целта на законот е обезбедување на правна основа за правилно одбележување на деновите на жалост на национално и локално ниво, преку организирано, унифицирано и достоинствено одбележување на трагични настани кои влијаат на националната и колективна меморија на државата, преку достоинствено оддавање почит кон настраданите и нивните блиски, како и поттикнување на човечноста, солидарноста и националното единство.
Седницата продолжи со расправа за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.