
Претсседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Татјана Димитровска ќе остане без дипломатскиот пасош, пишува порталот „Плусинфо“.
Димитровска е осомничена во рамки на истрага што ја води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, за делото оддавање службена тајна во случајот „Адитив“.
Дипломатската патна исправа ѝ беше издадена за време на мандатот на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Иако ДКСК поднесе барање за дипломатски патни исправи за сите членови, тогашниот министер, злоупотребувајќи го дискреционото право утврдено во член 11 од Законот за патни исправи, одлучи ваков документ да ѝ биде доделен само на Димитровска.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ја поништи патната исправа и за тоа ќе го извести Министерството за внатрешни работи, согласно утврдената постапка.