Skip to main content
wTEOlFbu9uo
ДОЦЕНТ Д-Р МАРИЈА ЗДРАВЕСКА, КЛИНИКА ЗА ПУЛМОЛОГИЈА И АЛЕРГОЛОГИЈА

Болните од астма, за разлика од другите хронични заболувања на белите дробови имаат огромен потенцијал да бидат добри, ако болеста се држи под контрола

Што е астма, како се открива, што ја предизвикува, како се лекува и дали се живее со оваа болест, што ја разликува од другите хронични болести на белите дробови, како аерозагадувањето влијае на болните од астма, кои се новите пристапи во лекувањето, се прашањата за кои разговаравме со д-р Марија Здравеска, доцент на Клиниката за пулмологија и алергологија и член на Управниот одбор на Македонското респираторно здружение.

Д-р Здравеска објаснува зошто е многу важно спирометријата, еден од најважните тестови во пулмологијата да биде извршен точно, правилно и стручно и апелира да се изведува во што е можно поголем број здравствени центри во државата.

Болните од астма, за разлика од другите хронични заболувања на белите дробови имаат огромен потенцијал да бидат добри и да имаат нормален квалитет на живот, ако болеста се држи под контрола, вели д-р Здравеска.

Каков тест е спирометријата и зошто е многу важно правилно и точно да биде направена?

ЗДРАВЕСКА: Спирометријата е еден од клучните тестови кој го користиме во пулмологијата, со цел да се измери капацитетот и протокот на движење на воздухот низ дишните патишта. Информациите кои ги добиваме се клучни за да поставиме сомнение и да докажеме постоење не само на астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), туку и за некои други белодробни болести. Тоа е метода со која добиваме првична информација за функцијата на белите дробови. Секако, понекогаш се наложува да се надополни и со други попрецизни функционални тестови, но спирометријата е клучна и како таква е признаена и препорачана од светските здруженија за респираторна медицина за проценка на капацитетот и протокот на движење на воздухот низ белите дробови и како основна дијагностика за постоење на астма и ХОББ.

Апелирате на широка достапност на изведување на спирометрија во Македонија. Во кои здравствени установи во Македонија се извршува спирометријата?

ЗДРАВЕСКА: Спирометријата е клучна анализа во пулмологијата. Таа е валиден тест за добивање на информации за капацитетот и проточноста на дишните патишта. Но, исто така е и многу субјективен метод и мора да се изведе правилно. Многу е важно пациентот да соработува за да се направи и да се интерпретира правилно и да добиеме точни резултати. Ако не се направи според стандардите што ги предвидува Европското и американското респираторно здружение, тогаш ние многу лесно може да добиеме погрешни, неточни резултати, кои понатаму ќе не доведат до неточна дијагноза и неправилен третман на пациентот. Апелираме спирометријата да биде достапна насекаде. Таа се изведува на Клиниката за пулмологија и алергологија и уште во неколку центри во Македонија, особено во амбулантите на медицина на труд, но тоа не е доволно да ја покрие потребата на целото население. Не е во ред пациентите на кои им е потребна оваа дијагностика да патуваат стотици километри и да чекаат термини, за да го добијат ова основно испитување. Многу е важно и кадарот да биде адекватно обучен и методот да биде стандардизиран. Кај нас на Клиниката се изведува спирометријата, ние имаме капацитет и за обука на ваков персонал. Со ангажман од институциите и со подобра организација, може да ја подобриме и достапноста и нивото на изведување на спирометријата. Во моментов, достапноста на пазарот на инструменти е доста широка и постои опасност да се набават за релативно не премногу скапа цена инструменти коишто би можеле несоодветно да се користат од страна на здравствени работици кои не се адекватно обучени.

Кај нас на Клиниката се изведува спирометријата, ние имаме капацитет и за обука на ваков персонал, вели д-р Здравеска / фото: Александар Ивановски

Колкав е бројот на пациенти заболени од астма и ХОББ во Македонија?

ЗДРАВЕСКА: За жал, во Македонија немаме директни информации за бројот на заболени од астма и од ХОББ, бидејќи не постои регистер. Кога говориме за астма, единствен податок, кој за жал е стар дваесетина години, потекнува од книгите и истражувањата на професорите Цветанов и Ѓорчев. Тие проценуваат дека бројот на астматичари во Македонија во тоа време се движи меѓу 4 и 4,2 отсто од вкупниот број на населението во државата. Според светските истражувања, ова е релативно мал процент. Во светски рамки, преваленцијата на астма се движи од 4 до 20 отсто од населението, во зависност за која средина се работи. Ние проценуваме дека во Македонија има повеќе од 100 до 120 илјади астматичари, што веројатно е потценета бројка. Секако дека е многу важно и ние се залагаме и апелираме до институциите, конечно да се воспостави регистер на заболени од астма за да може соодветно да се планираат ресурсите и потребите за справување со болеста.

На која возраст најчесто се открива астмата и кои симптоми се најизразени?

ЗДРАВЕСКА: Астмата е типично болест на младата возраст, но може да се открие и во подоцнежните години. Не е исклучено дека болеста може да се открие и во подоцнежна возраст. Најчестите симптоми со кои се презентира болеста не се специфични само за астмата. Треба да се посомневаме дека пациентот има астма ако се јавуваат периодични епизоди на кашлица, тешко дишење, свирење во градите, чувство на стегање во белите дробови. Малите деца ќе се пожалат и на замор, не можат да одат, така тие тоа го опишуваат, велат дека имаат болки во нозете. Избегнување на физичка активност, особено кај помладите или во пубертетската возраст исто така може да не наведе да се посомневаме на проблем со белодробната функција. Многу е типично дека овие тегоби се асоцирани со некакви тригери од самиот организам како емотивен стрес или психичка состојба, или надворешни фактори како полен, прашина, некои специфични мириси коишто ги предизвикуваат или потенцираат овие тегоби. Најчесто епизодите на појава на тегоби се изменуваат со периоди на нормално или релативно нормално функционирање на белите дробови. Таа периодичност, поврзаност со дадени надворешни и внатрешни реагенси кои ги предизвикуваат нападите е основното што не насочува да помислиме дека се работи за астма. Секако, дијагнозата не може да се постави само врз основа на анамнезата, податоците од пациентот, но некои од тие податоци може да бидат сугестибилни дека пациентот треба да се упати за конечно дијагностицирање на болеста.
Аерозагадувањето не е причина да се појави астма. Но, секако, аерозагадувањето може да биде еден од најважните фактори за влошување или за провоцирање на напад на астма. Не само надворешната полуција, туку и внатрешното загадување, чадот од цигари, чадот од согорување на штетни материи, контактот со разни штетни материи, пасивното пушење… сите тие може да бидат провоцирачки фактори кои ќе предизвикаат напад на астма или придонесуваат за перзистирање на лоша белодробна функција кај болните со астма и тешко воспоставување на контрола на болеста.

Што ја предизвикува и што ја влошува астмата? Како се разликува од другите респираторни болести?

ЗДРАВЕСКА: Има многу тригер фактори за астмата. Надворешните фактори најчесто се алергени, материи кои предизвикуваат алергија, како на пример прашина, разни полени, влакна од животни, пердуви од птици, некои лекови или хемиски материи…. Атопијата е особено карактеристична за астмата во помладата возраст. Исто така постојат и интринзични (внатрешни) фактори, како што е психолошкиот стрес и силни емоции. Карактеристиката што ја издвојува астмата од другите болести е токму тоа – асоцираност со одредени тригери, постоење на атописка конституција или алергија, појавата во помалата возраст и варијабилноста на тегобите низ времето и во дадена ситуација.

Што се случува со пациентите ако болеста не е контролирана?

ЗДРАВЕСКА: Болните од астма, за разлика од другите хронични заболувања на белите дробови имаат огромен потенцијал да бидат добри, ако болеста се држи под контрола, се лекува редовно и контролирано. Ако не се лекува, или ако препишаната терапија не се прима редовно, постојат краткорочни и долгорочни несакани ефекти од болеста. Најважно е дека белодробната функција е намалена, можноста на пациентот да ги извршува своите секојдневни физички активности може да биде многу ограничена, во зависност од тежината на нападите и степенот на тежина на астмата и секако тоа води кон нарушен квалитет на живот на пациентот, но и на целото семејство. Неконтролираната астма претставува товар и за општеството, затоа што тие пациенти не можат да ги извршуваат своите работни задачи, често се отсутни од работа, не можат да бидат ефикасни за системот и предизвикуваат економски товар со своите чести хоспитализации и посети во итните медицински служби. Долгорочните последици ретко ги согледуваат пациентите, но ние како здравствени работници сме свесни за нив. Ако астмата не се држи под контрола и таа ситуација трае подолго време, може да доведе до дефинитивни оштетувања на дишните патишта и на белодробниот паренхим, односно може да предизвика различен степен на инвалидитет.

Кои се новите пристапи во третманот на лекување на болните од астма?

ЗДРАВЕСКА: Постојат различни стадиуми на астма. Третманот зависи од формата на болеста. Околу 95 отсто од болните со астма можат добро да се контролираат. За најголемиот дел од нив е достапна терапија во Македонија. Третманот со инхалаторни кортикостероиди самостојно или во комбинација со долгоделувачки бронходилататори е стандард во терапијата и таа терапија е достапна за нашите пациенти. Пет до осум отсто од пациентите кои имаат тешка форма на астма, побаруваат поспецифични лекови кои делумно ги има во Македонија. Кај нас сеуште не се достапни сите видови на биолошка терапија за која апелираме да биде достапна за нашите пациенти. Многу е важно да се искористат овие денови за подигнување на свеста за болестите, за да апелираме до општата популација, особено младите, да ги препознаат своите тегоби. Тие се склони да ги минимизираат своите потешкотии, да не ги препознаат, некогаш и да ги сокријат. Важно е да побараат помош кај својот матичен лекар за рано да се открие болеста, па ние да интервенираме. Ако рано се интервенира, најголем дел, скоро сите, болни со астма може да живеат комплетно нормален живот што ни го докажува и големиот број астматичари меѓу врвните спортисти.

Разговараше: Александра М. Бундалелвска

фото и видео: Александар Ивановски

Поврзани вести