Skip to main content

Дванаесет американски држави ја тужат администрацијата на Трамп за царините

Freepik

Дванаесет американски држави поднесоа тужба до американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк против царинската политика на претседателот Доналд Трамп.

Во тужбата се наведува дека трговската политика на Соединетите Американски Држави „сега зависи од каприците на претседателот“, наместо од совесното практикување на неговите законски овластувања.

Со преземањето на моќта да наметнува масивни и постојано променливи царини по негова дискреција за која било стока што влегува во Соединетите Држави, од која било причина што смета дека е соодветно да прогласи вонредна состојба, претседателот го урна уставниот поредок и донесе хаос во американската економија, се наведува во тужбата.

Тужителите тврдат дека, според Уставот на САД, само Конгресот има моќ да наметнува даноци и тарифи, а не претседателот.

Откако ја презеде функцијата, Трамп најави серија далекусежни увозни царини кои предизвикаа турбуленции кај берзите и финансиските пазари.

На почетокот на април, тој објави дека САД ќе воведат сеопфатни царини од најмалку 10 отсто за целиот увоз во земјата, плус дополнителни давачки за голем број трговски партнери.

Иако многу од планираните царини се суспендирани на 90 дена за да се овозможат трговски преговори, специјалните царини до 145 отсто остануваат на сила за кинеските стоки. Пекинг возврати со царини до 125 отсто за американските производи.

Тужбата ја поднесоа сојузните држави Орегон, Колорадо, Конектикат, Делавер, Илиноис, Мејн, Минесота, Њу Мексико, Њујорк и Вермонт, кои имаат демократски гувернери, како и републиканските држави Аризона и Невада.