Skip to main content

Извештај на ЕК: Шенген зоната донесе длабоки придобивки за ЕУ и нејзините граѓани

NoName_13 from Pixabay

Европската комисија денеска го објави својот четврти Извештај за состојбата во Шенген зоната, кој содржи преглед на случувањата во текот на минатата и ги поставува приоритетите за следната година.

– По 40 години од нејзиното создавање, се покажа дека Шенген зоната донесе длабоки придобивки за ЕУ и нејзините граѓани. Таа е столбот на внатрешниот пазар на ЕУ и го олеснува животот на речиси 450 милиони луѓе. Минатата година Шенген зоната повторно беше најпосетувана дестинација во светот, пречекувајќи повеќе од половина милијарда посетители, кои го поттикнаа економски раст низ Унијата, се наведува во Извештајот за 2025 година.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во документот се посочува дека со текот на времето, Шенген зоната еволуираше во робустен и сеопфатен систем, во чии рамки земјите членки со поддршка на ЕУ ефикасно управуваат со надворешните граници, безбедноста и миграцијата на координиран начин.

– Барањата поврзани со Шенген зоната станаа клучен аспект на процесот на проширување на ЕУ, бидејќи сите земји кандидати мора да имаат целосно функционални национални системи за управување со границите до моментот кога ќе бидат примени во ЕУ, се вели во извештајот.

Во извештајот се нагласува и дека целосното пристапување на Бугарија и Романија во Шенген зоната значително ја зајакнува економијата на ЕУ и е доказ дека земјите членки се целосно ангажирани за понатамошно подобрување на соработката во рамките на шенгенската област.

Според извршната потпретседателка на Европската комисија за технички суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, Шенген зоната е моќен потсетник дека вистинската сила на ЕУ лежи во нејзината способност да соработува, да биде обединета и да се постигне повеќе заедно.

– Шенген зоната е еден од најголемите изрази на она што може да го даде европската соработка – достигнување на кое многумина ширум светот гледаат со восхит. Иднината на Европа е суштински поврзана со нашата способност да ја максимизираме Шенген соработката, поттикнувајќи го економскиот раст, обезбедувањето сигурност и зачувувањето на заедничките слободи што ја дефинираат нашата Унија, истакна Виркунен.

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, пак оцени дека пред 40 години се роди визијата за зближување на Европската заедница, а денес Шенген зоната е доказ за посветеноста на Европа за слободен, обединет, просперитетен и безбеден континент.

– Како најголема и најпопуларна област на слободно движење во светот, ние мора да ги засилиме нашите напори за понатамошен развој, зајакнување и модернизирање на Шенген зоната. Тоа значи подобрување на безбедносната соработка помеѓу органите за спроведување на законот во земјите членки, забрзување на дигитализацијата на системите за управување со границите, како што е системот „влез-излез“, за да се спречат безбедносните ризици и да се обезбеди поефективно враќање, изјави Брунер.

Во извештајот како клучни приоритети во рамките на Шенген зоната се посочени понатамошното зајакнување на политичкото и оперативното управување, забрзувањето на имплементацијата на рамката за дигитализација со цел ограничување на безбедносните ризици, прилагодување кон променливиот безбедносен пејзаж, продлабочување на односите со партнерските земји во европското соседство и поширокото опкружување, воспоставување на ефикасни мерки за враќање на лицата кои немаат законско право да останат во ЕУ и обезбедување на координирана, брза и ефикасна размена на информации меѓу органите за спроведување на законот.

Европската комисијата започна со објавување на годишни прегледи за проценка на состојбата во Шенген зоната од 2022 година. Целта на овие извештаи и да се зајакне заедничкото управување во Шенген зоната и да се обезбеди структуриран, координиран и заеднички одговор на предизвиците со кои таа се соочува.

Поврзани вести