Skip to main content

Вечерва гала премиера на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

На 9 декември во 20 часот во Филхармонијата ќе има Гала премиера на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, македонски светски признат класик на режисерот Милчо Манчевски. Пред точно 30 години „Пред дождот“ го освои Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал, како и уште 9 други награди на Фестивалот.

Со овој настан се одбележува 30-годишнината од премиерата, и организаторот најавува дека ќе дојдат Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а преку видеопорака ќе се обрати Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано “, новиот филм на Манчевски.

Присуството го потврдија 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен и за сите љубители на филмот, ограничен број бесплатни билети ќе бидат достапни на касата на Филхармонија. Одбележувањето на 30-годишнината во Скопје е организирано со приватни средства и со трудот на група професионалци, без учество на државата во организирањето, ниту во финансирањето на настанот, велат од тимот на режисерот.

Поврзани вести