Skip to main content
специјалист по медицинска биохемија и директорка на УИ Клиничка биохемија

Д-р Гроздановска: Наједноставна лабораториска анализа може да понуди многу информации и да го заштити здравјето

Д-р Николина Гроздановска, специјалист по медицинска биохемија и директорка на УИ Клиничка биохемија во гостување во емисијата „Добриот доктор“ на Сител, се осврна на значењето на лабораториските анализи, како и за функционирањето на Универзитетскиот институт за клиничка биохемија.

Најпрво, дозволете ми да упатам честитки по повод најголемиот христијански празник – Велигден. Во животот, највредното нешто е здравјето. За следење на здравствената состојба, или за било каква медицинска процедура, потребни се анализи на крвта и другите телесни течности“, вели д-р Гроздановска.

Таа препорача секој граѓанин отприлика на секои шест месеци да направи контролна крвна слика, бидејќи тоа е едноставна, достапна и вредна процедура која може да укаже на потенцијални здравствени проблеми.

Во своето гостување, д-р Гроздановска го објасни значењето на вредностите на леукоцитите, лимфоцитите и хемоглобинот во крвта.

Најчести заболувања денес се инфекциите, предизвикани од вируси, бактерии или други микроорганизми. Важно е точно да се одреди причинителот, бидејќи од тоа зависи и соодветната терапија. Кај бактериски инфекции, често се покачува бројот на леукоцити – тие се одбранбени клетки кои се борат со инфекцијата. Кај вирусни инфекции, се забележуваат промени кај лимфоцитите“, појасни таа.

Д-р Гроздановска потенцираше дека антибиотиците не делуваат на вируси и предупреди дека пациентите често бараат антибиотска терапија и кога таа не е потребна, што придонесува кон антибиотска резистенција.

Наједноставна лабораториска анализа може да понуди многу информации и да го заштити здравјето. Доколку е намален хемоглобинот, тоа значи дека организмот не добива доволно кислород. Намалениот број на еритроцити, пак, може да укаже на нутритивен дефицит“, додаде таа.

На крај, по повод велигденските празници, таа упати апел за балансирана исхрана, нагласувајќи дека дневниот внес на жолчки од јајца би требало да се ограничи на една и пол жолчка во 24 часа, со цел да се зачува рамнотежата во исхраната.

Поврзани вести