
Факултетот за ликовни уметности – Скопје оваа година одбележува значаен јубилеј – 45 години од своето постоење. Во текот на четири и пол децении, ФЛУ се изгради како реномирана високообразовна институција, центар на креативност, уметничко истражување и развој.
Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј беше ретроспективната изложба која е поставена во Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички, го претставија богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи го континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и пол децении.
Денеска е Светски ден на уметноста, а со деканката на Факултетот за ликовни уметности Славица Јанешлиева разговараме за значајниот јубилеј.

Јубилеите секогаш значат многу. Особено овој некако е значаен бидејќи се доближуваме до половина век постоење, вели Славица Јанешлиева, деканка на Факултетот за ликовна уметност која нагласува дека малку е еден ден за одбележување на јубилејот и затоа одлучиле изложбата во МСУ да трае цела година.
Факултетот е сместен во три објекти на две различни локации, од кои едниот дел се наоѓа во културно-историскиот споменик од 15 век Сули-ан во Старата скопска чаршија, а другите два објекта се лоцирани во населбата Тафталиџе, дел од кампусот „Педагошка“. Дали ваквата физичка подвоеност претставува предизвик?
Секако дека е комуникациски и наставен предизвик. ФЛУ е можеби единствениот факултет кој функционира во 3 објекти на две различни локации. Би било фантастично, за студентите и за наставниот кадар, наставно и административно, да се обединиме во еден објект. Ова ќе ја подобри комуникацијата на студентите, ќе придонесе кон помалку проблеми во распоредот на наставата, а ќе заштеди и време при трансфер од еден до друг објект.
Објектот Сули ан е споменик на културата од прв степен и е оригиналниот простор на факултетот, доделен 1982 година. Мал дел од Сули ан припаѓа на Музејот на град Скопје. Објектот ни е од исклучително значење и е реткиот бисер кој ги негува уметничкото образование, уметноста и културата. Покрај нашата грижа за Сули ан и континуираното одржување и вложување, кровната конструкција ја демонстрира својата старост од 50 години, ѕидните површини се ронат, големите стаклени површини од 70-те години не ја следат современата звучна и топлинска излолација. Во ателјеата за литографија, сликарска технологија и конзервација и реставрација имаме мувла и влага и престојот на студентите не е возможен. Одводната, фекална и електрична инсталација се застарени (од 70-те години на минатиот век) и постојано ги покажуваат недеостатоците. Подготвуваме проект за санација, но тоа оди многу споро и без вистинска поддршка од државните институции. Одлучувме дека единствено реално е да се пристапува кон делумна санација на проблемите. Во моментов се фокусираме на најпроблематичниот полуподрумски-полуприземен дел.
Сули ан е заштитен споменик на културата од прв степен, но веќе 42 години е во функција на Факултет за ликовни уметности. Често се соочуваме со директни притисоци и инциденти од поединци и институции кои кои сметаат дека е тоа дел од верско наследство. Оригиналната намена на Сули ан, уште од 15 век била сместувачки објект, односно мотел. Земјотресот во 1963 година драстично го оштететил и во доцните 60-ти и раните 70-ти години, Сули ан е реконструиран од државата и кратко користен како објект за продавници и ресторан. Од 1982 година Сули ан е Факултет за ликовни уметности, односно дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во регионот, а и во светот, редовна пракса е факултетите/академиите за ликовни уметности да се сместени во објекти кои се културно наследство и од исклучително значење, бидејќи факт е дека овие високообразовни институции се грижат за традицијата и ја промовираат културата. Но тие објекти не ги третираат како туристичка атракција во која слободно се влегува, туку може да се посматраат само од надвор.Сули ан и 2 ката во зградата „Педагошка“ не се простори кои се специфично конструирани за потребите на факултет од областа на ликовните уметности. Сите простори се прилагодувани и адаптирани за да можат да ги задоволат нашите потреби. Единствено Скулпторските ателјеа (монтажен и привремен објект) од 1990-те години, е направен според некакви стандарди за наставата по скулптура, но монтажните објекти си имаат помал рок на траење.
Во ателјеата и специфичните работилници/лаборатории мора континуирано да се вложува. За ова до сега не постои државна стратегија. Нема континуитет во влужувањата. Факултетските управи сами треба да подготвуваат проекти и да бараат фондови/средства за реализација. Потребата за реновирање, адаптација и набавка на специфична опрема и машини е итна. Ентузијастички, со многу вложување енергија, лични капацитетети, барања и укажувања за состојбата до релевантни институции деканатот работи на подобрување на условите, но неопходни се капитални инвестиции. Континуирано бараме финансиска помош од УКИМ, од МОН и од приватниот сектор. Бараме подготвеност за инвестиции за веќе подготвени проекти.Долгогодишен проблем е одлуката на државата да отвара нови државни универзитети, да вложува капитални инвестиции со огромни суми во новите, а да доделува малку средства за капитални инвестиции на најстариот, најголем и најреномиран универзитет во државата. Не разбирам која е поентата?!


Со оглед на фактот дека на уметниците секогаш им треба повеќе простор имате ли некакви планови за зголемување на просторот за престој и работа на студентите?
Имаме идеи, но далеку сме од реализација. Ова е предизвик за следните неколку години. За реализација на идеални услови и зголемување на простор за престој и работа треба да се има слух од државата и да се верува во вредноста и моќта на уметностите и културата.


Во каква состојба е објектот во Сули-ан? Дали ги задоволува потребите на студентите и професорите? Потребни ли се некакви интервенции, со оглед на тоа дека станува збор за споменик на културата?
Во голема мера го одговорив ова прашање погоре. Морам да напоменам дека ако се почитуваат законските регулативи (а ФЛУ ги почитува) процедурата за било какви интервенции е долга, а интервенциите требале да се случат вчера. Веќе две години се работи на решавање на тековните проблеми со кои се соочуваме во Сули ан, а во врска со застарени просторни работни услови. Добиена е согласност, односно услови за изработка на проект за санација на Сули ан од страна на Управата за заштита на културно наследство и Градскиот завод за заштита на споменици од културата. Факултетот мора да најде средства за изработка на проект од линценцирано лице/фирма или пак да се потруди тоа да го издејствува про-боно. Но, изработка на проект за санација на целиот Сули ан, е огромна задача. Затоа ќе одиме по приоритети.
Откако ќе биде сработен архитектонски проект тој подлежи на одобрување или неодобрување од страна на Градскиот конзерваторски центар и дури потоа може да се бараат средства за инвестиција.
Начелно, веќе имаме договор за про-боно изработка на проект и инвестиција од странска амбасада за најгорливиот проблем во Сули ан (полуподрумскиот дел). Проектот е во тек на изработка, а реализацијата би требало да се случи следната година. Дали ќе успееме… времето ќе покаже.
Подготвија:
новинар: Невена Поповска
фото/видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски