Skip to main content

Трговската војна на Трамп

Бела куќа

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изразнал во градот Мидлтаун во Охајо, градот од 50-ина илјади жители кој се наоѓа во таканаречениот Рѓосан Појас (Rust Belt). Појасот содржи стотици мали и средни градови кои некогаш биле центарот на американската индустрија – секој град бил врзан за една или неколку фабрики или челичарници, кои ги крепеле локалните семејства. Таа производствена база била основата на американскиот сон која привлекла и огромен број семејства од Македонија, во неколку бранови пред и по комунизмот. Сонот кој вклучува можност да купиш куќа (со бела дрвена ограда), автомобил, да основаш семејство, и сето тоа со една работничка плата.

Почнувајќи од 1970-ите години овој сон се претвора во кошмар. Фабриките една по една се затвораат, а место американски индустриски производи, на пазарот почнуваат да доминираат германски автомобили, јапонска електроника и тајвански микрочипови. Во 1992 година САД потпишуваат договор за слободна трговија со Мексико и Канада, по што многу од преостанатите фабрики се селат на југ, а отворањето на Кина кое доаѓа набргу потоа значи дека индустриските производи направени во САД веќе се исклучок, а не правило.

САД се уште се значајна индустриска сила во одредени специфични области, како што се авионската и воената индустрија, но на светскиот пазар тие денес се најзначајни како потрошувачка сила. На САД, кои се 4 проценти од светското население, отпаѓаат од 25 до 30 проценти од вкупната светска потрошувачка, што е неверојатна бројка. Целиот свет се тепа да добие пристап до хипер богатиот и разновиден пазар на САД, што секако води до енормен трговски дефицит од трилион долари годишно (САД извезуваат стоки и услуги вредни 2 трилиони, а увезуваат 3 трилиони).
Во меѓувреме, градовите низ индустриските области на САД, како што е Охајо, или рударските региони како што се Апалачките планини, се претвораат во Рѓосаниот Појас. Некогашните фабрики се обраснати во вегетација, железничките станици и пристаништата изгледаат како да биле бомбардирани, а жителите кои не успеале да се снајдат на време и да се префрлат од индустриската дејност и рударството кон услужниот, медицинскиот или образовниот сектор живеат мачни животи во градови кои умираат. Овие сцени се живописно опишани во автобиографската книга „Хилбили Елегија“ на Џеј Ди Венс, во која тој раскажува како губењето на економската перспектива во Рѓосаниот Појас довело до растурање на семејствата, масовно користење на тешки дроги, и исселување. Неговата мајка голем дел од животот се борела со зависност од дрога – Венс деновиве ја покани во Белата Куќа за заедно да прослават една деценија откако се откажала од дрогата – а приказната како неговата баба морала да се грижи за семејството беше претставена од Глен Клоуз и Емји Адамс во истоимениот филм кој помогна да се развие политичката кариера на актуелниот потпретседател.

Секоја политичка опција има своја верзија на настаните зошто индустријализацијата на САД почнала да трокира. За десните политички опции, вината е во претераната синдикализација на американските работници, како и регулативите кои попречуваат отворање на нови фабрики и рудници. Левицата пак, беше првата која што за падот на индустриското производство ги обвинуваше договорите за слободна трговија што САД ги потпишуваат со европските и азиските држави – особено во автомобилската индустрија. Со текот на времето, американската левица престанува да биде движење на работниците и се повеќе е политичка опција на студентите, немажените урбани жени и малцинствата, додека десничарската Републиканска Партија станува партија на белите, средно образувани работници, и ја прифаќа некогашната левичарска критика на слободната трговија.

Секако, лудост е да кажеме дека САД осиромашиле или пропаднале во својата нова улога во светската економија. Американците се уште се далеку најбогатата економска зона во светот, предничат во развојот на високата технологија, медицината и образованието, и се доминантни во финансиите. Но, во исто време, не може ни да се игнорираат проблемите што ги имаат. Соодносот на просечните плати и просечната цена на недвижностите се влошува од година во година, што ги спречува младите да купат дом и да основаат семејства, долгот се зголемува за трилион долари секои 100 дена, а некогашните индустриски гиганти како Детроит се градови на духови.

Дали е нормално Америка (и Европа) да бидат доведени на ова ниво? Едната да биде сведена на потрошувачка суперсила, а другата на луна парк за американски и кинески туристи? Дали е нормално Западот да има ваков дисбаланс во трговијата?

Кога Русија ја нападна Украина, кога се формулираа првите европски санкции, Италија побара ЕУ да не воведува санкции врз руските луксузни патики и други брендирани облеки – што звучеше чудно бидејќи Русија секако не извезува брендови во Европа. Но тоа се важни извозни артикли на Италија во Русија, а ако ЕУ воведеше санкции на непостоечките руски патики, Русија ќе воведеше санкции на италијанските Гучи чанти. Ова беше интересен показател за нарушената рамнотежа во глобалната трговија – Русија извезува енергенси, метал и хемикалии, Кина – индустриски производи, а Европа и САД се економии засновани врз мода, дизајн, потрошувачка и финансиски услуги. Критичарите на Русија честопати сакаат да кажат дека руската економија е еднаква на економијата на Шпанија и Португалија. Но војната во Украина ги потсети западните земји дека не можеш да одиш во борба со Гучи чанти и со ексел графикони туку со челик, нафта и барут. Русија е, секако, индустриско џуџе во споредба со Кина, која е веќе толку доминантна со своето индустриско производство што гледаме преплашени предупредувања од САД дека евентуална војна меѓу овие две цивилизации, западната и кинеската, ќе биде готова уште пред да почне, бидејќи само Кина има индустриски капацитет за производство на бродови, дронови и муниција. Најналудничавите коментари од САД (од тролови, не од официјални лица) се повици за уништување на комплексот брани Три Клисури со што, со еден удар, би се уништиле некои од најголемите кинески градови – и ова се претставува како единствена реалистична можност за САД да победат во ненуклеарна војна со Кина.

Од една страна, Америка и Западот мора да бидат пофалени за одлуката да ја прифатат Кина во светскиот економски систем. Не само Кина, туку целиот Трет Свет денес е драматично побогат отколку што беше пред да почне процесот на глобализацијата. За мојата генерација, најпозната сцена од литературата за Кина беше описот како кинеските селани јадат земја за да се самозалажат во периодите на екстремна глад. Денес по многу параметри Кина е децении пред Западот. Овој подем немаше да биде возможен ако САД и Европа не ги отвореа своите пазари за кинеските производи – мерка која тие секако не беа должни да ја направат.

Но и Кина им се одолжи. По индустријализацијата и по Втората Светска Војна, Советскиот Сојуз ја почна Коминтерната – активно со оружје, пари и инструктори ги помагаше западните колонии низ Африка, Јужна Америка и Азија во борба против колонизаторите. Дел од овие борби секако се за пофалба, а дел доведоа на власт налудничави комунистички режими по кои може да се каже дека на државите веројатно ќе им било подобро од останеле под западна колонијална власт. За разлика од СССР, Кина е исклучително одговорен глобален играч (ако ја тргнеме настрана епизодата со Ковидот и теориите дали се случил намерно или случајно). Кинеската индустриска моќ сигурно лесно може да се пренасочи кон војна, но барем досега таа држава развива доминантно цивилна индустрија. Кинезите последен пат отворено војувале во 1970-ите години, и скоро и да немаат воени бази надвор од своите граници. Кина своето влијание го шири преку инвестиции и трговија. Дури може да се каже дека САД и Европа, преку нивните обоени револуции, се далеку поагресивни во промовирањето на налудничави левичарски идеи од номинално комунистичката Кина која на моменти е многу по-пазарно ориентирана од Западот. Јас би рекол дека одлуката на отворање на Западот и Кина имаше многу повеќе позитивни ефекти отколку негативни, и дека светот доби одговорна и конструктивна суперсила. Но, Западот ја разбира Тукидитската замка во која се наоѓа, и стравува дека Кина нема вечно да биде бениген трговски хегемон, и така дојдовме до трговската војна на Трамп.

Американскиот претседател ја почна драмата така што му објави трговска војна на целиот свет, за потоа да каже дека планот сепак му е да се обиде да го обедини светот против Кина. Првичната одлука на Трамп за воведување на високи тарифи – царини за увоз на производите од целиот свет бргу беше напуштена и заменета со рамна стапка од 10 проценти – за сите освен за Кина, со која САД сакаат посебно да се пресметаат. Дури и интензивните мировни преговори на САД со Русија очигледно се дел од план Кина да биде оставена сама, соочена со обединет фронт предводен од западните земји. Декларираната цел на САД е да се воспостави одредена рамнотежа во светската економија, со враќање на дел од изгубените индустриски капацитети во САД (можеби и во Европа). Гласачите на Трамп – повеќето од нив мажи со средно ниво на образование кои бараат добро платени места во индустријата, како и гласачите на европските десничарски партии кои се сличен профил, ги поддржуваат овие мерки дури и ако се премногу млади да се сеќаваат на времето кога нивниот град имал фабрика или рудник. Секако, ова е декларираната цел – и несомнено е дека таа е нешто што треба да се поздрави – неодржливо е Западот да се претвори во зона на финансии и туризам, додека остатокот од светот се бави со вистинска, реална економија. Покрај воспоставување на некаков баланс, доколку се рестартираат индустриски и рударски капацитети на Запад, може да се очекува тие да дејствуваат по повисоки еколошки и работнички стандарди од капацитетите во Кина. Но, економски потреси од вакви размери лесно може да предизвикаат непредвидени конфликти низ светот дури и ако двете завојувани економски сили бргу постигнат договор за нивните идни односи.

Македонија очигледно беше добро информирана за надоаѓачката бура, благодарение на навремено воспоставените контакти. Нашата трговска размена со САД е прилично мала, и освен автобуската компанија Ван Хол, веројатно немаше да бидеме многу погодени од тарифите, кои Трамп по само неколку дена ги тргна. Од политички и безбедносни причини, јасно е дека нашето место во евентуалната идна трговска војна на САД и Кина е со западните земји. Откако стана јасно дека целта на Трамп не е целиот свет туку Кина, најавите на премиерот Мицкоски за можни поволности за Македонија навистина може да се остварат – секако дека САД не очекуваат сите нови индустриски капацитети кои ќе се отворат на Западот да завршат на американско тло – некои од нив лесно може да завршат на Балканот. Но, повторно мора да се има предвид дека ризиците од потреси низ светот се преголеми и тешко може да се предвидат сега, во првичните фази на трговската војна, и затоа ќе биде потребно да бидеме на штрек и подготвени да реагираме – и да ги искористиме можностите што ќе ни се отворат.

Поврзани вести