
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пристигна во посета на Босна и Херцеговина, објави босанската редакција на телевизија Н1.
Калас ја посети базата на ЕУФОР во Сараево, им се заблагодари на војниците од мисијата „Алтеа“ и упати јасни и силни пораки, дека мисијата е многу важна и дека оваа база го претставува местото каде што се родила политиката за безбедност и одбрана на ЕУ со мандат од ОН.
– Во време кога нашиот фокус во голема мера е насочен кон безбедноста и одбраната, операцијата ‘Алтеа’ на ЕУФОР е уште повеќе во центарот на вниманието. Вие знаете подобро од многумина што е потребно за зачувување на мирот и безбедноста во опасни времиња. Знаете дека постигнувањето на мирот бара дипломатски напори, но неговото зачувување бара сила. Затоа европските војски, заедно со војските од други земји, веќе 30 години ја поддржуваат Босна и Херцеговина во одржувањето на сигурна и безбедна средина, рече Калас.
Таа нагласи дека денешната безбедносна состојба е стабилна, но и кревка.
-Се наоѓаме во период кога земјата се соочува со сериозна уставна криза, а раководството на Република Српска го поткопува уставниот и правен поредок, загрозувајќи ги основните слободи на сите граѓани. Ова однесување е спротивно на обврските што Босна и Херцеговина ги презела на својот европски пат. Нема да толерираме никакви закани за територијалниот интегритет, суверенитетот и уставниот поредок на Босна и Херцеговина. Секој обид за растурање на државата е неприфатлив, подвлече Калас.
Таа потсети дека во март беа распоредени дополнителни 100 припадници на силите на ЕУФОР како дел од оваа операција, нагласувајќи дека тоа е направено за да се испрати јасна порака: „ЕУ останува цврсто посветена на стабилноста на овој регион и безбедноста на Босна и Херцеговина“.
Калас најави дека следната недела министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разгледаат можности за уште посилен ангажман во Босна и Херцеговина и во целиот регион на Западен Балкан.
Посетата на Каја Калас доаѓа во услови на политичка криза во Босна, каде во февруари Судот на Босна и Херцеговина на прв степен го осуди лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, на една година затвор и шест години забрана за политичка дејност поради непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ.
Босанското обвинителство издаде налог за апсење на Додик, како и на премиерот на Република Српска и претседателот на парламентот на овој ентитет. Тие се осомничени за „напад врз уставниот поредок“, откако парламентот на Република Српска одобри, а Додик потпиша указ за усвојување закони со кои се забранува дејствувањето на федералните судски и безбедносни институции на територијата на Република Српска.
Според условите на Дејтонскиот мировен договор, кој стави крај на меѓуетничката војна во Босна (1992-1995), земјата е поделена на две полуавтономни единици: Република Српска, населена главно со босански Срби, и Федерацијата на Босна и Херцеговина (муслиманско-хрватска федерација), каде живеат босански Муслимани (Бошњаци) и босански Хрвати. Секоја единица има своја влада, парламент и полиција, но двете се поврзани преку заеднички државни институции, вклучувајќи судски систем, армија, безбедносни служби и даночна администрација.