
Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Со години наназад активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста… Неговите текстови можат да се прочитаат на интернет страницата „herojnaedenden.mk“.
Официјалното книжевно деби го имаше во 2006 година со збирката раскази „Кротки приказни“, потоа следеа романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020) (последните два беа финалисти за „Рациновото признание“), втората збирка раскази „Двојна експозиција“ (2022), и уште два романи, „Мина“ (2023) и „Ветрилиште“ (2024).
Анѓелков зад себе има и четири дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015, Државна награда за публицистика „Мито Хаџивасилев – Јасмин“), „Филмски град“ (2018), „Филмотопија“ (2022) и „Филмско око“ (2025).
По книгата едноставно насловена „Графити“ (Темплум, 2005), осумнаесет години подоцна, во соработка со Матеј Богдановски, го објави и изданието со скопски графити „(До)Живеј го Скопје“ (2023), „Ветрилиште“ (2024).
Во пресрет на излегувањето од печат на неговата најнова книга „Филмско око“, со Анѓелков разговаравме за состојбите во филмот, филмската критика, фестивалите…

Утре од печат ќе излезе Вашата нова книга насловена „Филмско око“. Со оглед на тоа што ваквите изданија кај нас се бројат на прстите од раката, ова издание е уште еден придонес кон кревката публицистика за седмата уметност кај нас.
Оваа година се навршуваат десет години од објавувањето на мојата прва книга со филмска есеистика „Филм.мкд“, издадена една година по завршувањето на ангажманот со филмскиот магазин „Филмополис“. Периодов бројките убаво се редат, па по објавувањето на јубилејната десетта книга, романот „Ветрилиште“ пред неколку месеци, повторно е време за славје, овој пат низ призмата на седмата уметност!
И ако „Филм.мкд“ беше посвета исклучиво на македонскиот филм во новиот милениум, веќе со „Филмски град“ три години подоцна се воспостави онаа еклектична содржина што милувам да им ја приредам на читателите и во ова ново филмско издание. Мислев дека „Филмотопија“ во 2022 година убаво заокружува една неформална трилогија исполнета со квалитетни текстови за седмата уметност, меѓутоа кога пишувањето ќе ви влезе под кожата, тогаш продолжувате да ги следите случувањата во филмот на најубав можен начин – со осврти во кои го внесувате сето свое знаење и страст за омилената уметност. Како мотиватор за оваа работа би ги споменал членувањето во фестивалските жирија, ангажманот како селектор на фестивалот „КинеНова“ и, се разбира, мојата интернет-страница „herojnaedenden.mk“, која постојано е „гладна“ за нови содржини. На тој начин, година по година, кога се свртев наназад и кога погледнав колку текстови се насобрале, настана и оваа книга, одржувајќи добар ритам на објавување книги со филмска есеистика, приближно на секои две ипол години.

Насловот на книгата е директна асоцијација на филмот пред се’ како визуелна уметност и на она што гледачот го гледа на екранот, обидувајќи се да се идентификува со него.
Морам да признам дека насловот досега најмногу ме измачи. Ако „Филм.мкд“ носи јасна референција за содржината на книгата, „Филмски град“ беше носталгична асоцијација по непрежалениот филмски магазин, а „Филмотопија“ означување на постковид-периодот, кога и филмската индустрија не знаеше во кој правец да продолжи, „Филмско око“ нè враќа на основите на нештата, на сетилото преку кое ги примаме пораките што новите филмски остварувања сакаат да ни ги пренесат. За таа цел, на корицата на книгата фигурира окото од омилениот СФ-филм „Блејдранер“, таа незаборавна сцена во која се испреплетуваат футуризмот и ѕвездената експлозија, притоа не заборавајќи дека откривањето на репликантите се случуваше токму со скенирање на зеницата на окото со помош на Војт-Кампфовиот тест. Оттаму, како мал детаљ на корицата одзади фигурира артифициелниот був од лабораторијата на доктор Тајрел.
Што им носи на читателите ова ваше ново дело со филмска есеистика?
Содржински, книгата е поделена во неколку тематски целини во кои се осврнувам на сите возбудливи филмови што влегоа во моето „филмско око“ по објавувањето на „Филмотопија“ во 2022 година и за кои сметав дека вреди да се пишува. Се разбира, почнувам со третирањето на македонската кинематографија во овој период, која ни понуди неколку интересни остварувања, но и уште толку неинтересни и просечни филмови. Книгата продолжува со осврти кон значајни остварувања од европската и американската кинематографија во изминатите неколку години, а потоа следи делот за филмските фестивали и моето учество во нивните жирија, драгоцени искуства кои страсно ги пренесувам низ хибридните текстови. При крајот има два специјализирани темати во кои пишувам за музиката и филмот, како и за филмските јубилеи. Централниот дел на книгата е посветен на многу драгото интервју со австрискиот филмаџија Улрих Зајдл, кој беше лански лауреат на „КинеНова“ и кој на сцената, при примањето на наградата, прочита еден „манифест“ за состојбата во филмската уметност кој уште долго ќе биде релевантен и цитиран.

Филмската критика, како впрочем и ликовната, музичката, театарската и книжевната критика, во последниве години како да затајуваат. Какво е Вашето мислење, со оглед на фактот дека сте автор и на повеќе романи, а и самиот пишувате филмска критика? Ви недостига ли таа Вам, како автор?
Се разбира. Проследувачите (да не кажам „критичарите“, бидејќи може погрешно да се сфати) на случувњата во наведените области се будното око (повторно „око“!) и ги поставуваат критериумите според кои понатаму може да се раководат конзументите, но и не мора. Сепак, нивната важност е од особено значење и ми се чини дека оние неколку, што повторно се бројат на прстите од раката, треба да ги чуваме и поддржуваме да продолжат со нивната работа, бидејќи записот/текстот е оној што на крајот останува зад нас. На оние на кои тоа им е институционална работа, а не ја вршат својата „домашна задача“, веројатно не треба ни да им придаваме значење, бидејќи и самите го избрале нефункционирањето како свој modus vivendi, и тоа нека им служи на чест.
Подолго време сте член на Fipresci (Меѓународна федерација на филмски критичари). Како ја оценувате состојбата во филмската индустрија денес на домашен и меѓународен план?
Филмската дејност кај нас го допре дното од кое не се знае како ќе исплива на површината. Спротивставените табори се на нож, а разврската следува на штета на филмските работници, вљубениците во седмата уметност и, секако, на домашните даночни обврзници. Светската филмска индустрија, пак, ако на тој начин можеме да генереализираме, како да се разбуди од ковид-сонот, и лани конечно ни понуди шаренило од остварувања за сечиј вкус кои во меѓувреме беа на стенд-бај. За жал, „холивудската трагедија“ продолжува со чествување на остварувања кои мораат да испочитуваат одредени агенди, што не е за радување, бидејќи кризата ќе продолжи да се продлабочува. Но секогаш постојат исклучоци од правилата, и тоа се оние светлини во мракот кои треба да ги откриваме и да уживаме во нив, бидејќи само тие можат да го придвижат светот напред, во вистинската насока. А зарем не е така и во самиот живот!?

Веќе неколку години по ред сте програмски селектор на Меѓународниот фестивал „КинеНова“, фестивал фокусиран на првите и вторите остварувања на авторите. Со какви предизвици се соочувате при селекцијата?
„КинеНова“ е токму таа светла точка на домашното фестивалско небо за која зборував претходно. Затоа треба максимално да се поддржи, затоа што девет години по ред покажа и докажа дека со мал буџет може да се создаваат чуда, а можеме само да замислиме што би било кога таа би се позиционирала на местото коешто го заслужува. Во тој случај и селекцијата на посакуваната програма би била уште посилна, фестивалот би имал повеќе гости, и генерално, настанот би се кренал на едно поинакво ниво. Во наплив на филмски фестивалчиња кај нас, кои повеќето не ги задоволуваат техничките критериуми и може слободно да ги ставиме во фолдерот „филмски ревии“, „КинеНова“ претставува вистинска фестивалска авангарда и тоа мора да се нагласи, а потоа и да се вреднува од соодветните инстанци.

Годинава Фестивалот ќе има јубилејно, десетто издание, можете ли да откриете што да очекува публиката?
Во план за јубилејното, десетто издание на „КинеНова“, е богата програма чија комплетна реализација, се рабира, зависи од фестивалскиот буџет. Засега не би откривал што конкретно се подготвува, да не биде работава „ветивте – а не остваривте“, која ја живееме веќе три и кусур децении на политички и општествен план, но познавајќи го ентузијазмот на екипата и со каква енергија пристапуваме кон секое ново издание, тогаш крајниот резултат ќе биде и повеќе од одличен, како и во претходните девет изданија. Јубилеј си е јубилеј, и тој треба да остане во сеќавањата на посетителите и почитувачите на „КинеНова“. Ќе биде незаборавно!
Подготви:
новинар: Невена Поповска
фото: Маја Аргакиева/ приватна архива