
Ромите се составен дел од нашето општество. Тие не се малцинство, туку народ со богата традиција, со музика, со јазик, историја, обичаи. Тие се наши сограѓани, соседи, пријатели, соработници и најважно од се – граѓани со иста вредност и достоинство како секој друг, порача вечерва премиерот Христијан Мицкоски на настанот за одбележување на Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април.
Нашата визија не е Ромите да бидат толерирани или вклучени, туку да бидат рамноправни граѓани со иста моќ да одлучуваат, создаваат, сонуваат и живеат достоинствено. Затоа денеска не е само ден на одбележување, туку ден на отчет, ден кога повторно го обновуваме нашиот завет дека нема да има напредок без еднаквост, дека нема слобода без правда, дека нема развој без вклученост на сите. Ја градиме Македонија како држава за сите, за секое дете, за секое семејство, секој човек без разлика на етничка, верска или социјална припадност – посочи Мицкоски.
Нагласи дека Меѓународниот ден на Ромите е ден на сеќавање, на историја, на прогонот, на исклученоста, но и ден на достоинство, отпор и надеж. Тоа, додаде, е ден кога не само што ја славиме ромската култура, туку и гласно зборуваме за неправдите со кои оваа заедница се соочувала и за заложбите кои ги преземаме како држава за да ги надминеме тие неправди.
Вистина е дека ромската заедница предолго живее на маргините. Нееднаквоста е реална, има системски бариери и преземаме одговорност нив да ги рушиме чекор по чекор, политика по политика, проект по проект – рече Мицкоски и додаде дека образованието е клучот на инклузијата.
Токму затоа, додаде, Владата вложува во политики кои ќе обезбедат еднаков почеток за секое дете без разлика на етничката или социјалната припадност.
Образованието не е само учење факти, тоа е учење на самодоверба, тоа е патот до достоинство. Тоа е мостот кој ја носи секоја млада личност од маргините до центарот на општеството. За ромските деца образованието не е само опција, тоа е надеж, тоа е одговор на генерации неправда, на ислученост и заборав. Кога едно ромско дете ќе влезе во училница тоа е чин на отпор, кога дипломира тоа е победа на правдата. Затоа Владата ја стави еднаквоста во образованието како приоритет – посочи Мицкоски и додаде дека преку образованието може да се промени животот на ромските деца.
Истакна дека Владата работи силно на вклучување на Ромите во пазарот на трудот преку активни мерки за вработување во соработка со Агенцијата за вработување специјално насочени кон младите Роми и жените, обуки за занаетчиство и дигитални вештини, како и можности за самовработување преку грантови и менторства. Од 2023 година заклучно со денеска, прецизира, повеќе од илјада Роми добиле работен ангажман или почнале сопствен бизнис.
Шабан Салиу, министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите истакна дека денеска се одава почит на историјата, културата и придонесот на ромската заедница ширум светот.
Осми Април се одбележува како Меѓународен ден на Ромите, ден на гордост, но и потсетник за предизвиците со кои се соочува оваа заедница. На овој датум во 1971 година во Лондон се одржа првиот Светски конгрес на Ромите, историски момент во процесот на афирмација на ромскиот идентитет. Овој конгрес донесе многу значајни одлуки како официјалното признавање на ромската нација, усвојувањето на ромското знаме, химната „Џелем, џелем“ и користење на терминот Ром – рече Салиу.
Овој ден, посочи, не е само повод за прослава на богатата ромска култура и традиција, туку и можност за длабока рефлексија за нашата заедничка одговорност – да градиме општество во кое секој граѓанин без разлика на своето етничко потекло има еднакви можности и перспективи.
Инклузијата, еднаквоста и почитувањето на човековите права мораат да бидат наши водечки принципи во создавањето на подобра иднина на сите – рече Салиу.
Истакна дека е постигнат значителен напредок, но, како што рече, патот за целосна интеграција и еднаквост на ромската заедница е се уште долг.
Посветени сме на гарантирање на правата со акцент на заштита на Ромите од дискриминација во сите сфери на животот како што се образованието, работните места, здравството, јавните услуги, домување,… Нашата визија за иднината е јасна – да обезбедиме целосна социјална и економска инклузија на Ромите, да ја унапредиме нивната позиција во општеството и да се обезбеди секој Ром да има еднакви можности за живот достоен за човечкото битие – потенцира Салиу.
Министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ рече дека присуството на речиси целиот државен врв на денешниот настан покажува колку припадниците на ромската заедница и на малите етнички заедници се во фокусот на Владата.
Ромската заедница во Република Македонија е нераскинлив дел од мозаикот што ја прави нашата земја толку богата и шеренолика, а Ромите се нераскинлив дел од македонското културно наследство. Таа е длабоко вкоренета во историјата и развојот на нашата земја, а нејзините членови придонесуваат во различни сфери. Денешниот ден не е само симбол на борбата на ромскиот народ за еднаквост, слобода и достоинство, туку и ден за сеќавање и ден за надеж. Ден посветен за подигнување на свеста за правата и културата на ромската заедница, но и потсетник дека секој граѓанин без разлика на етничката или верската припадност има еднаква можност да учествува, придонесува и напредува – рече Стоиљковиќ.
Вети дека Министерството за односи меѓу заедниците ќе направи се што е потребно за интеграцијата на сите заедници во македонското општество да не биде само празна фраза, туку и предизвик кој преку континуирана работа и искрен дијалог ќе значи реализирање на визијата – општество во кое никој не е невидлив.