Skip to main content

Клековски: Сликата за лекарите од примарното здравство како административци, пишувачи на рецепти и упати мора да биде надмината

Сликата за лекарите од примарното здравство како административци, пишувачи на рецепти и упати мора да биде надмината, рече денеска директорот на ФЗО Сашо Клековски откако премиерот Христијан Мицкоски ја образложи владината Одлука со која се зголемува капитацискиот бод за матичните лекари, гинеколози и стоматолози.

Клековски оцени дека ова „историско зголемување“ на капитацијата треба да го сопре трендот на намалување на бројот на младите лекари и медицински сестри во примарното здравство и да придонесе за поефективна примарна здравствена заштита во земјава.

Од покачувањето на капитацијата се очекува повторно да заживее акредитацијата за квалитет на примарните здравствени ординации. Се предвидува и контрола на бројот на осигуреници и прочистување на листите како основа за пресметка на капитацијата. Според Клековски, ќе има зголемено финансирање, но и зголемени очекувања и контроли, а реален раст на приходите може да има само со зголемување на работата и продуктивноста.

Зголемувањето на капитацискиот бод за матичните лекари е историско зашто нивното финансирање стагнира. Пред 20 и повеќе години е воведен овој начин на финансирање и почетното ниво на капитацијата за општа медицина беше 45 денари. Ова зголемување треба да обезбеди две работи: прво, да запре падот, надолниот тренд и второ, да се подготвуваме за неопходни подобрувања за ефективна примарна здравствена заштита. Имаме околу 100 матични доктори во една деценија. Наше очекување е дека со ова зголемување на финансирањето ќе се зголеми бројот на лекарите и медицинските сестри за работните места во примарното здравство да бидат доволно атрактивни за младите лекари и медицински сестри. Мора да го запреме надолниот тренд за да почнеме да зборуваме за подобрување, нагласи директорот на Фондот.

Во контекст на подобрувањето на состојбата во примарната здравствена заштита, тој рече дека покрај зголемената контрола на рецептите и боледувањата, прв пат ќе се воведе мерка за оптимизација на упатување на повисоки нивоа на лекување.

Според Клековски, колку може повеќе здравствени предизвици треба да се решат во примарното здравство, а не да се препраќаат на следните нивоа на здравствена заштита.

Целите за контрола на рецепти, боледувања и упатувања на повисоки нивоа на лекување влијаат на 10 отсто од годишниот буџет на ординациите. Следните мерки се за подобрување на здравствена заштита и МЗ веќе донесе пет протоколи за примарното здравство, вклучувајќи кардиоваскуларни и слични болести кои ќе значат поголемо внимание на матичните доктори кон овие болести. Дополнително, за тоа Фондот воведува нови цели за превенција и рано откривање на малигни заболувања на простата, дебело црево и грло на матка кои треба да делуваат во синергија со превентивните програми на МЗ. Прв пат се воведува превентивна цел за ментално здравје посебно за рано откривање депресија кај млади од 18 до 35 години, рано откривање крипторхизам кај деца и дефомритети на рбетниот столб, а комплетна новина е и едукација за вакцинација за навремено и целосно спроведување на вакциналниот програм. Овие превентивни цели учествуваат со 20 отсто во вкупниот годишен буџет на матичните лекари и ординации, нагласи Клековски.

Тој најави дека со Агенцијата за акредитација ќе се разгледаат повторно стандардите за квалитет во примарната заштита.

Има над 2 000 ординации и сите во повеќегодишен период ќе треба да ги исполнат стандрадите за квалитет, подвлече Клековски.

Во врска со бранот на пензионирање на матичните лекари, рече дека има поплаки за трансферот на ординациите на помладите лекари.

Тука има административни проблеми, се губат концесиите, мора да се олесни бирократијата за трансфер на ординациите, истакна директорот на Фондот.

Поврзани вести