
Утрото, на 16 март, кога се случи пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која имала фалсификувана лиценца за работа уште од 4,30 часот изутрината 70 отсто од персоналот на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија биле на работа, во Ургентниот центар. Сиот медицински и немедицински персонал, и хигиеничарки, болничарки и директорката, прим. д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, специјалист по општа хирургија, супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургијa им е неизмерно благодарна за нивната работа и пожртвуваност.
Организацијата беше како да сме вежбале со години наназд и не дај боже да се повтори. Ова е трагедија која остави голем печат на сите нас, вели во интервју за „Република“ д-р Ѓогиевска – Павловска.
Со неа разговаравме за видот на повредите на пациените кои биле примени на Клиниката, за степенот на изгореници и како тие се третираат, на колкумина би им била потребна трансплантација на кожа, за возраста на пациентите и нивната рехабилитација.
Кај пациентите кои имаат изгореници од прв и површен втор степен раните би требало да се залечат меѓу 14-от и 20-от ден, а на останатите ќе им треба подолг третман, во зависност од големината на изгорената површина и од степенот на изгореницата. Ќе биде долг периодот, бидејќи потоа следи и физикална терапија за да се вратат во нормална функција екстремитетите, во случајов тоа се најчесто рацете. Најголем дел беа изгореници од трет степен на рацете, бидејќи сите се бранеле од нешто што паѓало одозгора. Ниту еден од пациентите не е изгорен каде што имало алишта. Сите изгореници се на голите делови на телото. Сите претпоставуваме, ако бил пламен, тогаш би зафатило делови од телото кои биле покриени. Само претпоставка е дека тие изгореници се од нешто што паѓало одозгора, вели во интервјуто директорката на Клиниката.
За апелите кои се шират на социјалните мрежи за донација на кожа, таа вели дека нема потреба, бидејќи најчесто кожа се пресадува од пациентот. За понудата на разни масти, балзами и кремови за изгореници, д-р Ѓоргиевска – Павловска предупредува пациентите да бидат многу внимателни и апелира тие да преврзуваат во здравствени установи. Пациентите оваа година не смеат да излегуваат на сонце. Мора да користат заштитна крема со фактор 50, капа задолжително, дури и ракавици кај пациентите кои имаат изгореници на горните екстремитети.

Колку пациенти може да прими Клниката за пластична и реконструктивна хирургија од оние кои ќе се вратат од лекувањето во странство?
Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Во моментов, на Клиниката имаме 33 кревети, можеме да стасаме и до 35. Дадени се инструкции, нашата Клиника, Градската општа болница „8 Септември“ и ГОБ „Наум Охридски“ да ги прими пациените кои од нашите клиники биле испратени на лекување во други држави. Ние ги имаме историите на болести на пациентите, го знаеме видот на изгореницата и процентот кој е настанат, ја имаме почетната анамнеза. Имаме капацитет на Клиниката. Кај повеќето од пациентите кои ќе се вратат, не беа многу големи изгорениците колку што беа инхалационите повреди. Ние имаме уште двајца пациенти. Едниот е скоро излекуван од изгорениците, но поради инхалаторните изгореници, труењата, се уште е на Клиниката. Има мал наод. По добивање на токсиколошите анализи и позитивно мислење од пулмолозите, ги пуштаме на домашно лекување.
Какви се повредите на пациените кои настрадаа во пожарот во Кочани?
Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Најчесто се инхалациони, со изгореници. Изгорениците се прв, втор и втор длабок со трет степен. Каде што има изгореници од трет степен, таму најчесто се врши трансплантација на кожа и тие побавно зараснуваат. Затоа, најдобро е лекувањето да е во болнички услови, каде што условите се стерилни, а обработката на раните ќе биде под стручен надзор. Многу е важно да се намали колонизацијата на бактерии кај овие пациенти, за да може зараснувањето да биде многу побрзо.
На социјалните мрежи, посебно деновиве, се нудат многу мелеми, балзами, масти, кремови за изгореници. Дали пациените треба да бидат исклучително внимателни со овие продукти?
Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Тие балзами постоеле и претходно. Сме лекувале пациенти кои користеле такви масти со кои потоа се се продлабочувала изгореницата. Со вакви и слични кремови се случува да се јават локални инфекции. Пациентите ги користат извесно време, раната не зараснува, и кај доаѓаат на Клиниката во многу потежок стадиум. Сите изгореници е најдобро уште на почеток да се лечат во здравствени установи каде што има соодветна терапија, преврски, лекови.
Дали може да се претпостави колку долго ќе трае лекувањето и заздравувањето на пациентите?
Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Заедно со Министерството за здравство и Министерството за надворешни работи изработивме протокол кој го следат и болниците во странство. Со враќањето на пациентите во Македонија, со првите преврски ќе видиме што на тие пациенти би им требало понатаму. Кај пациентите кои имаат изгореници од прв и површен втор степен раните би требало да се залечат меѓу 14-от и 20-от ден, а на останатите ќе им треба подолг третман, во зависност од големината на изгорената површина и од степенот на изгореницата. Ќе биде долг периодот, бидејќи потоа следи и физикална терапија за да се вратат во нормална функција екстремитетите, во случајов тоа се најчесто рацете.
Дали ќе им останат лузни? Можат ли тие да се санираат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија?
Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Тоа отсекогаш и била дејност на нашата Клиника, лекување на изгореници и нивните секвели, односно лекување на нивните лузни. Со соодветна нега, со помалку инфекции, создавањето на лузна ќе биде минимализирано. Затоа, повторно апелирам, бидејќи не ја знаеме стерилноста на мелемите кои се нудат, не велам дека не се добри, но сепак, изгорениците треба да се третираат во медицински установи, каде што има соодветни услови. Пациентите оваа година не смеат да излегуваат на сонце. Сите кои биле изложени на изгореници, површниот епител не е толку заштитен и е понежен. Тоа значи побрзо ќе може да изгори од сонцето. Мора да користат заштитна крема со фактор 50, капа задолжително, дури и ракавици кај пациентите кои имаат изгореници на горните екстремитети. Не смее раката воопшто да види сонце годинава, бидејќи таа ќе пигментира и лузните да бидат повидливи и полоши. Таа лузна е нежна кожа и е многу поподложна да изгори, да добие пак изгореница, отколку здравата кожа која има свој заштитен слој.
Веќе беше кажано дека на еден пациент му била трансплантирана кожа. Што значи тоа? Може ли да ни го објасните процесот?
Д-Р ЃОРГИЕВСКА-ПАВЛОВСКА: За трансплантација на кожа ние најчесто ги користиме автологните графтови, односно се зима кожа од самиот пациент, доколку е тоа возможно. Кај овие изгореници, кај овие пациенти, не се многу екстензивни, не се во голем процент, туку се 10, најмногу 20 отсто. Но, проблемот е што е тој длабок степен, втор Б и трет степен, каде што ја зафаќаат скоро целата дебелина на кожата. Овде, во зависност од тоа за кој третман ќе се одлучиме, дали примарно ќе се пресадува кожа или одложено, и двата третмани се по светските стандарди и протоколи на Светското здружение за изгореници. Сите ние, докторите, работиме по овие протоколи на Светското здружение за начинот и типот на лекување на изгорениците. Овие изгореници се претпоставувавме од пламен, но секој ден дознаваме нешто ново, што имало во објектот. Изгорениците најчесто со околу 5 до 10 отсто што се од подлабок степен и кај овие пациенти слободно може да се земе, без никакво нарушување на нивното здравје од нивната кожа и да се стави на деловите од телото каде што е потребно. Најголем дел беа изгореници од трет степен на рацете, бидејќи сите се бранеле од нешто што паѓало одозгора. Ниту еден од пациентите не е изгорен каде што имало алишта. Сите изгореници се на голите делови на телото. Сите претпоставуваме, ако бил пламен, тогаш би зафатило делови од телото кои биле покриени. Само претпоставка е дека тие изгореници се од нешто што паѓало одозгора.
На која возраст се пациентите и дали нивната младост ветува и побрзо заздравување?
Д-Р ЃОГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Најчесто се меѓу 20 и едвај 30 години. За среќа, немаат коморбидитети како повозрасните пациенти. Тие немаат кардиоваскуларни или белодробни заболувања и може да кажеме дека тоа е позитивно во лекувањето. Нивната младост им ја дава нивната шанса да преживеат. Секој организам е единка за себе. Секој индивудално се бори со заздравување на раните.
Дали се знае на колкумина пациенти ќе им биде потребна трансплантација на кожа?
Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Тоа зависи од текот на заздравувањето. Штом дошло до пресадување на кожа, значи станува збор за многу длбок степен на изгореница. Ние секојдневно правиме пресадување на кожа на Клиниката. Имаме големи дефекти кои ги покриваме со кожа, не само изгореници. Не е тоа нешто ново што се работи и тоа на Клиниата за пластична и реконструктивна хирургија се работи постојано.

Како е организиран прегледот на пациените кои се пуштени на домашно лекување?
Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Бевме во болницата во Кочани да ги видиме условите. Иако е изградена многу одамна, сосема е солидна, по сите стандарди, чиста, има доволно простории, можат да се одделат стерилни од нестерилни простории. Има простор, ако е потребно за згрижување на пациентите и преку ноќ. Сепак, ние таму би ги праќале пациентите кои се со помали изгореници, помалу од 10 отсто, на кои им требаат преврски. Ако е потребна операција, тоа би било на нашата Клиника. Се надевам изгорениците на лицето што беа кај повеќето пациенти, дека се од поповршен степен и дека нема да останат лузни. Секоја кожа која подлегнала под изгореница е малку понежна и посензивитна на сончевите зраци.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото и видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски