Skip to main content

Детална анализа на Вториот протокол со Бугарија

1. Причина за нашата сегашна катастрофа е вториот протокол со Бугарија, потпишан од Бујар Осамни во Софија, на 17 јули 2022 година. Тоа се случи на состанок на Заедничката меѓувладините комисија, со што е целосно блокиран патот на Македонија кон Брисел. Протоколот е криминална злоупотреба на договорот за (не)пријателство и претставува тешко предавство на фундаменталните интереси на македонскиот народ. Меѓувладината комисија, формирана според член 12 од договорот, може да врши – „преглед на ефективната примена на овој договор…“, а не на силеџиски начин да го проширува истиот, како што е овде случајот.  

Протоколот треба да биде список на активности реализирани меѓу двете земји, може да предлага мерки за подобрување на соработката и да решава проблеми, ако се појавиле. Ништо друго. Дел од овој протокол, меѓутоа, е нов договор кој никаде не е ратификуван, десет пати е полош од оригиналниот за (не)пријателство, и со тешки последици за земјата.

Тој е потпишан откако Владата, ден претходно, го одобри ткн. „француски предлог“, по  усвојувањето на заклучоци во Собранието. Власта даде зелено светло за капитулација.

2. Во прашање е опширен записник од 23 страници, од којшто првите 19 – не се спорни. Евидентирани се сите активности меѓу двете земји, во периодот од потпишување на договорот (2019) до 2022 година. Тоа е мандатот на потпишаните.

Во списокот се наведува – „заедничко министерско чествување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев“; дека Радев и Пендаровски „заеднички“ биле во Рим заради – „оддавање почит на делото на браќата Кирил и Методи“…, што покажува дека раководството на Македонија играло по бугарски ноти.

Последните четири страници од протоколот се – нашата катастрофа. Во прашање се втората и третата точка од дневниот ред, коишто во никој случај не може да бидат дел од овој и ваков – записник, нека е и протокол. Тие се подметнати бугарски кукавички јајца, прифатени од „нашите“ предавници.

3. Втората точка од дневниот ред гласи – „Усвојување на годишните извештаи за работата на Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања…“. Се констатира незадоволство од работата на комисијата; таа се – „охрабрува да ја забрза својата работа и да постигне јасни резултати“; „да работи со поголема ефикасност и за постигнување на конкретни резултати, врз основа … на факти и настани од ЗАЕДНИЧКАТА ИСТОРИЈА КОЈА ГИ ПОВРЗУВА ДВЕТЕ ДРЖАВИ И НИВНИТЕ НАРОДИ…“.

Само во преамбулата на договорот се спомнува „заедничката историја“, што беше наша катастрофална грешка. Овде – таа е веќе неспорен факт! Напредуваме! Напред, наши! А, заедничка историја, нели, значи – еден народ! Токму затоа, впрочем како и во договорот, се користи изразот – „двете држави и нивните народи“! Има две држави, ама нема „два народи“. Штом е така, во прашање е само еден – бугарскиот.

Потпишано е и дека – „Согласно одредбите од договорот од 2017 година, работата на Комисијата на може да биде еднострано прекината“. Каква бесмислица потпишал Османи!? Во договорот, апсолутно нема таква одредба! Напротив. Според член 13, договорот може да биде изменет или раскинат! А, ако тој се раскине, што ќе мора да се случи еден ден, комисијата ќе биде фрлена на ѓубриштето од историјата.

Обврските на Комисијата исто така се прошируваат, што е можно сако со измени на самиот договор. Никако поинаку.

4. Најважна за нас е третата точка од дневниот ред – „Усвојување на насоки за дејствување во исполнувањето на Договорот за  пријателство… во следниот период“. Насловот нема никаква врска со содржината. „Насоките“ претставуваат апсолутно нов и за нас поразителен договор! Надвор од договорот за (не)пријателство, има едно чудо нови обврски. Дури и за експертската комисија. Прифатено е таа да се среќава осум до десет пари годишно, што е апсурд бидејќи вакви комисии работаат со децении… На Софија ѝ се брза, а комисијата ѝ е главен алат за разнебитување на Македонците.

Во овие последни три страници, се’ е под мотото – „во согласност со договорот од 2017“, а ништо нема врска со него. Се’ се нови измислици и бугарски подметнувања, спакувани во ткн. „француски предлог“. Клучно е – „следната Меѓувладина конференција со ЕУ, за комплетирање на фазата за отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако … Македонија во Уставот ќе ги вклучи нејзините граѓани… како што е бугарскиот народ“; и дека – „Владата на Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција за членство во ЕУ да се одржи откако во сила ќе влезе измената на Уставот… со уставен закон за нејзино спроведување“!? 

Во договорот за (не)пријателство, промена на Уставот – не се спомнува. Затоа, нагласувањето дека се’ е – „во согласност со договорот од 2017“ е тешка манипулација. САМО ТОА Е ДОВОЛЕН АРГУМЕНТ ДА СЕ ОТКАЖЕ ПРОТОКОЛОТ.

Се повторува нашата обврска дека нема да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија, заради Македонците а, паралелно, ЗАМИСЛЕТЕ, прифаќаме нивен диктат да го менуваме Уставот заради Бугари, какви – нема! Можно ли е поголемо мешање?

Следува „заедничка“ обврска за – „размена на копии на сите образовни програми учебници, учебни помагала и други релевантни учебни материјали…“. Сепак, таа се однесува само на нас. Ние немаме услови, капацитети, ниту интерес за да следиме што се случува кај нив. А тие, нема да нѐ остават на мир. Може ли ваква обврска, која го доведува во прашање и суверенитетот на државата, нека биде тој образовен или културен, да произлегува од некаков протокол или записник?

Дури два пати се осудува говорот на омраза, како наша карактеристика. А таа е, пред се’ – нивна. Тие не признаваат дека постоиме како народ, јазик, историја… и тоа не е говор на омраза, туку нашите реакции на таков историски безобразлук! Страшно! Нашле овци и треба да ги стрижат. И под кожа!

Има и обврска – „преку јасна и обврзувачка изјава секој субјект финансиран од државата ќе потврди дека ќе го следи со неопходно внимание прашањето за не прифаќање на сите форми на говор на омраза…  Непочитувањето… ќе го прекине  финансирањето…“; и – „двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенција на недобронамерна пропаганда…“.

Каков суверенитет, бе! Нѐ третираат како да се наши тутори. Демек, Бугарија е против „недобронамерна пропаганда“ а кај нив и на ѕидовите испишале дека нема Македонци! Страшно.

Нова тема е и потребата од – „рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период“. Тие, нели, објавиле се’, и ние сме на ред. А лажат, без да трепнат. Објавиле ли дека репресирале и убиле голем број Македонци, само затоа што се изјаснувале како такви? Второ, од архивите тргнале илјадници документи коишто зборувале за Македонците како народ, ги уништиле или ги фрлиле во тајни депоа. Каде се тие? Нашите од комисијата мора да ги бараат.

Без да ни се мешаат во нашите работи, од нас бараат ефективни мерки за – „… подигнување на довербата на Бугарите во Република Македонија…“; „постигнување на оддржливи резултати за гарантирање на слободното остварување на правата на Бугарите во Македонија за слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница…“!? Неверојатно е на каков понижувачки начин не третираат! Да прифатиш вакво нешто, без да ги спомнеш Македонците во Бугарија, навистина треба да немаш грам памет во главата.

Нема теоретска можност Македонија да ги исполни сите овие обврски, а Софија да биде задоволна! Ова е решето од нивни шанси и услови за да нѐ заглавуваат во ЕУ – кога сакаат!

5. Бујар, Бујар! Да мораше да потпишеш нешто слично во име на Албанците, сигурно претходно ќе се удавеше во Вардар! Немаше да прифатиш да бидеш најголем предавник на својот народ. Македонците, пак – кој ги ферма! Триста стапа по туѓ грб, не болат. Впрочем, вака се отвора патот и за Голема Албанија! Сепак, ако имаш грам совест, ова зло дело ќе мора да те пече до крајот на животот. Предавство е предавство. Не е важно против кого си го направил.

Сепак, пострашна е помислата – а, каде беа премиерот, министрите, пратениците… Македонци? Тие, до еден, се главните предавници на македонштината. За тоа, пак, мора да се одговара! Кога, тогаш. Ако правдата доцни, може и казната.

6. Да заклучиме. За вакви монструозни бедотии не смеело ниту да се разговара на една меѓувладина комисија, камоли да се потпише записник за нивно прифаќање! Меѓутоа, во секое зло има и добро. ЕДИНСТВЕН НАЧИН да падне во вода неприфатливата преговарачка рамка за ЕУ, со која Македонија нема никогаш да влезе во Унијата, бидејќи е таа базирана токму на овој протокол, Е ДА СЕ ОТКАЖЕ ИСТИОТ. Така, нема обврска за промена на Уставот. А, откажување на протокол – е чин за кој никој не може да ни замери!

Бујрум политичари. Ние сме на потег! Бидете уверени дека ниту Брисел, а уште помалку Софија, ќе ја сменат ЕУ рамката. Ако сакате во ЕУ, а тоа е интерес на земјата, ова е начинот!

Поврзани вести