Skip to main content

Ладните и топли прскалки ја прават разликата помеѓу играчка и плачка

Инцидентите ретко се случуваат поради една единствена причина. Најчесто е потребен несреќен сплет на повеќе околности што ќе доведат до несреќи и катастрофи, без разлика дали се работи за авионска несреќа или катастрофален пожар.

Во случајот со пожарот во дискотеката во Кочани најчесто се споменува корупцијата, односно работата без определени административни дозволи. Се споменува и алчноста, односно собирањето на голем број луѓе во мал простор со мал излез, како и користењето на евтини запалливи материјали во градежната конструкција на салата.

Овие причини секако имале свој удел во катастрофата, но никој не го споменува незнаењето и глупоста како непосредна причина за запалувањето на објектот. Очигледно е дека се користени прскалки („Бенгалски огнови“), вообичаено наменети за употреба на отворен простор, коишто развиваат искри со висока температура од околу 1000 степени Целзиусови.

Иако на снимките не се забележува дека искрите го достигнале плафонот, односно нивната температура на таа висина се намалила и искрите се угаснале, тие сепак имале температура од околу 500 степени, што е доволно за палење на лесно запалливи материјали. Ако некој не верува или мисли дека „нема гајле“, пожарот не уверува дека сепак има гајле, односно палењето е можно.

Претходното би било во доменот на глупоста. Во доменот на незнаењето, пак, спаѓа неинформираноста дека постојат професионални „ладни“ прскалки, како и специјални машини за производство на ладни искри, специјално наменети за светлосни ефекти во затворен простор. Можат да се најдат и на Интернет, пребарувајќи по клучните фрази “cold fireworks”, “indoor cold fireworks”, “cold sparks fireworks”, “cold fireworks machine”. На видеото подолу може да се види детален опис на машината за ладни искри, кои имаат температура од само 60-ина степени на излезот, што е далеку од точката на палење на сите материјали

Очигледно е дека во дискотеката не била ангажирана професионална пиротехничка компанија. Постои можност и лица од публиката да запалиле жешки прскалки. Поради незнаење, алчност, сиромаштија или нешто друго веројатно се користени жешки прскалки и се случила катастрофа со последици што се мерат со десетици загинати и уште којзнае колку изгорени и трауматизирани деца.

Воопшто не е случајно што според будизмот за најголемо зло на светот се смета – незнаењето.

Инаку, остануваат на сила забелешките дека објектите за собирање на голем број луѓе треба да бидат соодветно проектирани и изградени, со добра електрична и противпожарна инсталација, со големи и видливо означени излези и пожарни светла заради овозможување организирана и брза евакуација.

Ова е важно не само поради опасноста од пожар, туку и од други причини – неконтролирани реакции во толпа, паника и турканица – на пример поради исклучување на струја, бомбашки напад, појава на токсични гасови и друго. Да не заборавиме дека и тука пожарот можел да настане поради неисправна електрична инсталација, аналогно на пожарот во модуларната болница во Тетово.

Бидејќи во Македонија постојат многу вакви импровизирани објекти каде што се собираат многу луѓе, неопходно е да се донесе закон што ќе наложи задолжителна проверка на објектите, инсталациите и пиротехниката пред одржувањето на било каков собир со повеќе од 50 лица.

фото: Машини за ладни искри на свадба во Мексико

извор: Емитер.мк