Skip to main content

Мицкоски: На Врховен суд си ставија човек од кожната фотелја од штабот на ДУИ, на корумпираните судии и обвинители ќе им се случи народ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос најавените протести доколку членовите на Судски совет на коишто им беше изгласана недоверба во Собранието, не си поднесат оставка, изјави:

Па видете, јасно е декa мал дел од обвинителите и судиите се последниот браник на Владата на СДСМ и ДУИ, јасно е од нивното однесување. И јасно е, тоа што го прават дел од членовите на Судскиот совет, дека практично тие ги поддржуваат тие политики и тоа однесување.

Исто така е недвосмислено и јасна е одликата на тие коишто ги гласале, а тоа се пратениците во македонското Собрание. Кога тие коишто претходно ви ја дале довербата, ви гласаат интерпелација, односно ви гласаат недоверба, доблесно, чесно е да не правите трикови, да не барате дупки во законите, да си заминете. Многу едноставно е.

И гледаме дека поединци од таму тераат инает. Мислат дека со инает ќе успеат нешто да направат. Јас сум постојано со народот. И го слушам народот како реагира. И јас само сакам да кажам дека, доколку не постапат соодветно на одлуката на тие коишто ги бираат, тоа се парламентарците, се плашам дека може да им се случи народ. Да се самоорганизираа и да протестира, затоа што народот е желен за правда.

Ние излеговме на избори, освоивме пола милион гласови. Нас ни беше важно и многу важен дел од нашата кампања и програма беше правдата. Правда за сите. Не само за поединци, туку правда за сите, дециден е Мицкоски.

И во име на тоа, имам чувство, дека доколку дојде до ваква ескалација и излезе народ да протестира, дека тој може да биде многуброен и нормално поддржан лично од мене. Така што, јас само сакав тоа да го кажам, дека ако се служат со трикови, водат инает, дека може да се самоорганизира народ и да им се случи народ.“

А во однос на обвинувањата дека ваквата најава е преседан и дека се врши директно класичен упад врз судската власт, премиерот Мицкоски додаде:

Видете, јас не мислам дека ова е преседан. Не мислам дека вршам упад. Јас само како претседател на Владата предупредувам на последиците од однесувањето на членовите на Судскиот совет, дека може да се случи народ.

Тоа е моја должност. Да не биде после не сум предупредил, да не биде после не сум кажал. Затоа што, ако нè фатат во спиење и ни се случи народ, тогаш се плашам дека може да има поголеми последици како во минатото, се сеќавате имаше и други претседатели на Влада коишто буквално ги користеа заканите за да партизираат во судството.

Ќе ве потсетам, за мене крајно дрски и разочарувачка одликата на Судскиот совет, за вршител на должноста, претседател на Врховниот суд, да постави човек којшто доаѓа буквално од кожната фотелја во салонот во Речица.

И сега што зборуваме ние, и како тоа да не го иритира народот? Па нормално е дека ќе народот биде иритиран.

Јас не знам зошто сме изненадени и кој е изненаден? Јас воопшто не сум изненаден, јас само пренесувам тоа што го слушам. Бидејќи сум секој ден со народот, помеѓу граѓаните разговарам и гледам дека навистина се луѓето вознемирени. И загрижени. Затоа што децата си одат, не си одат поради економски причини. Сега за волја на вистината процесот и е обратен. Но до скоро си одеа затоа што чувствуваа дека нема правда. И тоа е суштината. Јас сум само должен да предупредам, да не биде потоа не сме знаеле и не сме кажале.“

Потоа премиерот Мицкоски на прашањето за Извештајот за напредок од страна на Европската комисија и критиката од известувачот Томас Бајц, како ќе влијае на текстот и на заклучоците, потенцираше:

Ние имавме со известувачот многу плоден и корисен состанок, кога беше тука. Дали ќе влијае, тоа е одлука на известувачот и на Комисијата. Но мене ме радува фактот што после многу години, не сме повеќе хибриден режим, според Економист.

На 27-ми февруари излезе податок, чекав да видам дека тој податок да се пренесе, ама очигледно се пренесуваат веднаш овие вести, ама овие добрите не се пренесуваат. Македонија напредува 10 места на скалата. И сега веќе не сме хибриден режим, сега сме малку погоре, за разлика од другите земји во соседството коишто бележат опаѓање. Ај да се радуваме на овој успех. Да кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим според Економист, туку дека сме ја унапредиле демократијата. И мислам дека тоа треба и самата Европска Унија и известувачот да го забележат и да го стават во својот извештај.“

Во однос на членовите на Судскиот совет, на коишто им е изгласана интерпелација и платите кои ги земаат како функционери со највисок коефициент, Претседателот на Владата, потенцираше:

„Па очигледно граѓаните, сè додека не заминат од тоа место каде што се, уште некое време, ќе треба да ги плаќаат преку Буџетот, нивните високи плати и затоа тие се вознемирени. И затоа јас го чувствувам, ја чувствувам таа негативна вибрација кај граѓаните, гледам дека работата зоврива и дека можно е да се самоорганизираат. И тоа може да бидат масовни протести. И тука сум веќе и јас загрижен, бидејќи логично е да се грижиме за безбедноста на државата.“, одговори Мицкоски

Поврзани вести