
Во понеделникот, по долга истрага, Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност (БЈБ), МВР, во координација со ОЈО за ГОКК, по наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителна набавка на деривати, штета од големи размери на буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето. Еден од главните осомничени е личноста на неделата:
Ратко Капушевски

Другарот Р.К. е еден од оние ликови за кои уште од прв поглед знаете дека треба да завршат зад решетки. Роден 1986 година овој „млад бизнисмен“ на 22 години стана најмладиот генерален директор во Република Македонија во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Веќе следната година е директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“, за во 2014та да замине во приватните води.
Ја основа својата фирма РКМ, со која во 2019 влегува во бизнисот со нафтени деривати.
Според обвинителството, во периодот од 2021 до 2023 година, Капушевски, како сопственик на компанијата РКМ, свесно поднел невистинита документација за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Со тоа, наводно, му нанел штета на државниот буџет од околу 167,5 милиони евра.
Всушност, Капушевски ја користи енергетската криза и за потребите на ТЕЦ Неготино успева да му продаде ЕСМ 188 илјади тони мазут за рекордни 112 милиони евра. Првиот сомнеж дека станува збор за тешка измама, наведува и фактот што овие договори се склучувале без јавен повик, со сомнителни и непроверени документи. Секако, дека станува збор за ѓубре, не можело да помине без знаење на високи функционери од ЕСМ, кои денеска се наоѓаат меѓу осомничените во криминалната зделка „Адитив“.
ЕСМ тогаш тврдеше дека РКМ доставила список на рафинерии и земји од каде РКМ ќе купи 188 илјади тони мазут. Капушевски посочил девет различни фирми од Балканот и Европа а меѓу нив и ОМВ од Австрија и ИНА од Хрватска. И двете компании посочија дека никогаш немале соработка со РКМ.
Во други два наврата тој беше фатен како увезува или се обидува да увезе лажно деклариран мазут во Македонија. Првата ваква пратка, која доаѓа од Германија, беше фатена од страна на хрватските цариници на граничниот премин со Србија, кога тие се посомневале во документацијата што била приложена. Испитувањата на хрватскиот Инспекторат за животна средина покажале дека станува збор за токсичен отпад и дека тарифните броеви биле погрешни. Вториот пат мазут на оваа компанија, кој доаѓаше од Словачка, беше испитуван од македонскиот Државен пазарен инспекторат. Анализите покажаа дека станува збор за токсичен отпад, а не мазут.
Електрани тогаш тврдеа дека набавката е законска а тие не биле истражен орган и немале должност да проверат дали Капушевски ги лажел за тоа од каде РКМ го купува мазутот и дали ги исполнил условите во повикот.
За неговите нелегални активности во тие години ни власта ни обвинителството не беа расположени да истражуваат или да направат нешто. Откривањето на неговиот криминал се сведи на неколку истражувачки стории, кои тогаш не вродија со плод, затоа што власта и самата беше вмешана во тоа. Денес за сомнителните набавки се гони тогашниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, но логично е дека за тоа знаеле и лица со далеку повисоки функции од неговата. Дали ќе одговараат, останува да видиме.
Но, она што во јавноста го привлече вниманието најмногу беше еден статус од пред некоја година на „Фејсбук“. Статус кој го открива другарот Р.К. во сите негови гнасни арогантни загадени бои.
Статус по кој, јавноста на овој апс му се израдува дури и повеќе од кривичните пријави против другарот А.Г.

Капуштевски во моментот е во затворски притвор. Засега ќе остане таму 30 дена, бидејќи судот оценил дека постои можност за бегство или влијаење врз сведоци и истрагата. Самото апсење се случило во моментот кога надлежните добиле сознанија дека се вратил во Скопје. „Потреба“ која се надеваме скапо ќе го чини.