
Заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, во рамките на меѓувладината седница помеѓу Република Македонија и Република Унгарија оствари билатерална средба со Заменикот претседател на Владата на Република Унгарија Золт Семјен.
Соговорниците разговараа за повеќе актуелни теми при што истакнаа дека Македонија со Унгарија споделуваат исти традиционални вредности во многу сфери, пред сѐ во делот на проширувањето на ЕУ, а претходно НАТО, и секако во делот на економијата, слободата на вероисповед и правото на верско изразување.
Заменикот претседател на Владата, Димовски истакна дека со Уставот на Република Македонија е регулирано дека Македонската Православна Црква, како и Исламската Верска Заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи како државна институција за верските прашања моментално ја следи работата на вкупно 44 цркви, верски заедници и религиозни групи, кои се официјално судски регистрирани, а уредно се водат и во Единствениот регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи при Комисијата. Од вкупниот број регистрирани верски субејкти, согласно нивната поделба, Комисијата го чува секуларниот карактер на државата и ги регулира односите со 20 цркви, 11 верски заедници и 13 религиозни групи, меѓу кои се наоѓаат и петте верски субјекти спомнати во Уставот и тоа: МПЦ, како и ИВЗ, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница.
Државата кон сите 44 регистрирани верски субјекти има еднаков третман и сите верски субјекти се рамноправни пред законот.

Исто така на крајот од состанокот беше потенцирано дека чувањето на националниот идентитет е најважно нешто. Државата, не е само управен орган на некој простор, туку основна задача на државата е да ја зачува својата нација и идентитет не само во рамките на државата туку и во дијаспората. Унгарија е и останува силен поддржувач за наше забрзано и целосно европско интегрирање.