
Добитник на наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината (за 2024 година) е делото „За нашите етички основи“ од проф. д-р Дејан Донев, соопшти Филозофското друштво на Македонија.
Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 27 март 2024 год., а номинациите за оваа категорија траеја до 15 јануари 2025 година. Одлуката ја донесе Комисијата за доделување на награди во состав: проф. д-р Радомир Виденовиќ, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет во Ниш (претседател), проф. д-р Слободанка Марковска, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Анета Маркоска Чубриновска, вонреден виш истражувач на Универзитетот Кентербери во Крајстчерч, Нов Зеланд (членови).
Во своето образложение Комисијата истакнува дека во делото на Донев „се истражуваат корените на македонската етика во формативниот период на словенската писменост и христијанскиот морал. Имајќи го пред вид фактот што етичкиот аспект на влијанието на словенските просветители и раното христијанство врз формирањето на македонскиот национален идентитет е недоволно истражена филозофска тема, книгата на Донев јасно се истакнува како оригинален проект во таа насока. Ако на тоа се додаде актуелната општествено-политичка чувствителност на прашањето за потеклото и статусот на македонската национална самобитност и самосвест, оваа книга веднаш се наметнува со својата значајност и потенцијална влијателност во јавниот дискурс. […] Во овој научно-популарен труд, следејќи ги истражувачките патеки што ги започна Блаже Конески, авторот го перципира средновековниот период како значајна историска и културна фаза во формирањето на македонскиот национален идентитет и самобитност, но и како брана од отворените и од прикриените напади и негирања на таа самобитност од разни страни. Како што вели авторот: ‘Ова е книга за нив… за оние кои нè создадоа и сведочат и нè потврдуваат во битисувањето.’
Д-р Дејан Донев (1976) е редовен професор на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што ги предава предметите од областа на етиката. На Институтот за филозофија го комплетира своето академско образование, односно магистерската теза (2005) и докторската дисертацијата „Етичките вредности во менаџерството“ (2008). Добитник е на наградата „8-ми ноември“ за 2013 година на Советот на општина Неготино, за постигнати резултати во науката.
Донев е Раководител на Центарот за интегративна биоетика при Филозофскиот факултет во Скопје, Катедра на УНЕСКО за биоетика и член во различни интернационални биоетички мрежи, меѓу кои и во Scientific Center for exellence for integrative bioethics од Загреб, Хрватска, и на International Policy Forum, UNESCO Chair in Bioethics (Haifa, Израел), под водство на Interdisciplinary Center for Bioethics at Yale University. Донев, исто така, е член и на повеќе регионални филозофски и биоетички друштва.
Се јавува како автор на повеќе од 300 научни и филозофски трудови во стручната домашна и интернационална периодика, а ако визитинг професор држи предавања на Универзитети во: Бугарија, Германија, Грција, Полска, Романија, Србија, Чешка и Хрватска.
Наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината ќе биде свечено врачена на специјален настан поврзан со одбележувањето на Денот на Филозофското друштво на Македонија, на 10 март 2025 год. во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје, со почеток во 11:00 часот.