
Папата Франциско, кој се лекува во болница од пневмонија, спиел добро цела ноќ, соопшти Ватикан во редовниот утрински здравствен извештај за болниот поглавар на Римокатоличката црква.
88-годишниот папа од 14 февруари се лекува во римската болница „Гемели“ поради билатерална пневмонија и неколку дена е во критична состојба.
Вчера Ватикан објави дека папата се уште е во критична состојба, но дека неговата состојба „малку се подобрила“ и дека тој продолжил да работи од неговата болничка соба Илјадници верници вечерва се собраа на плоштадот Свети Петар за да се помолат за закрепнување на папата.
Со оглед на тоа дека папата е во болница со пневмонија на двете белодробни крила и е во критична состојба, светот е во состојба на висока готовност за можен вонреден медиумски настан – евентуална смрт на римскиот папа.
Италијанските медиуми јавуваат дека состојбата на папата Франциско и понатаму е критична, а „Кориере дела сера“ сомнително наведува дека тој има сепса и дека му откажале бубрезите.
Минатата година папата Франциско му одобри едноставен погреб, без мистериозните обреди кои вообичаено се прават кога ќе умре папата, пишува Politico.
Прописите и процедурите на Ватикан за пренос на должностите се јасни и детални во случај на смрт или оставка на папата, но тие не се применуваат кога тој е болен, па дури и во несвест.
Исто така, нема конкретни норми кои диктираат што се случува со раководството на Римокатоличката црква кога нејзиниот поглавар не е во состојба да ја извршува својата функција, пишува агенцијата АП.
Затоа, папата Франциско, иако хоспитализиран и во критична состојба со сложена пневмонија, сепак ги има сите овластувања, наведува американската агенција.
Неговата хоспитализација, сепак, покренува прашања за тоа што би се случило ако остане во несвест подолг период, или ако го следи примерот на Бенедикт Шеснаесетти, кој се повлече од функцијата доколку не беше во можност да ги извршува своите должности, пишува АП.
Папата Франциско ја презеде функцијата на 13 март 2013 година и секојдневно раководи со Ватикан и тим функционери, без разлика дали е во Апостолската палата или не.
Главен меѓу овие функционери е државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин, кој беше во Буркина Фасо на денот на хоспитализацијата на папата на 14 февруари, за потоа да се врати во Ватикан.
Сите други функции на Ватикан се одвиваат нормално, вклучително и прославата на јубилејот, 2025 година на Римокатоличката црква.
Канонските правила на црквата предвидуваат процедури во случај на болест на епископот, но не и на папата. Доколку епископот се разболи или е спречен да ги извршува своите должности поради други околности, неговиот помошник или друг функционер на епархијата ги презема, наведува АП.
Иако папата Франциско е и бискуп на Рим, нема правила што точно ќе се случи доколку биде спречен да ги извршува своите должности.
Тим адвокати кои се занимаваат со канонските правила на Римокатоличката црква предложија норми во 2021 година кои ќе ја регулираат ситуацијата кога папата не е во можност да ја извршува својата улога, привремено или трајно.
Според нивниот предлог, управувањето со црквата би го презела конклава или Колегиумот на кардиналите, а во случај на привремена неспособност на папата би управувала специјална комисија, додека на секои шест месеци ќе се проверува здравјето на поглаварот на Римокатоличката црква.
Како што пренесува АП, единствениот случај кога има промена на личноста на чело на Црквата е смрт или оставка на папата.
Тогаш се активираат цела низа прописи кои го одредуваат „меѓувладението“, односно преодниот период помеѓу крајот на понтификатот на еден поглавар и изборот на нов папа.