
На 26 февруари во Македонска опера и балет со почеток во 19 часот, концерт ќе одржи маестро Симон Трпчески за промоција на специјална донација – концертно пијано за Факултетот за музичка уметност – Скопје!
Многу работи се чинат невозможни, а еве денес броиме ситно до еден голем концерт за промоција на широкограда донација за Факултет за музичка уметност – Скопје – концертно пијано Feurich.
Сè станува возможно, ако се вклучат добри луѓе во приказната – тогаш таа станува бајка. Како и секоја бајка, оваа нашата има магични моменти: Запознавањето со Н.Е. Martin Pammer, на пример. Тој, како човек кој свирел виолина, беше одушевен што една мала Македонија има музички “центар” во срцето на главниот град, кој ги опфаќа македонската Опера и балет, македонската Филхармонија, Националниот џез оркестар, ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” и ФМУ – Скопје.
Исто така, тој сфати важноста на ФМУ – јадрото од кое се полнат колективите на сите институции погоре, но и на сите образовни институции од сите нивоа, еден од стожерите на македонската култура, врутокот од кој излегле великаните на македонската музика, како еден Симон Трпчески, Ана и Игор Дурловски, Панде Шахов и бројни други големи уметници.
Австрискиот амбасадор реши да помогне да се подобрат условите за нашите студенти и да обезбеди ново концертно пијано. Со нашиот заеднички пријател, директорот на МОБ Oliver Arsovski, го поврзаа убавото и доброто со полезното, па така проф. Кочо Анѓушев Feroinvest DOO се запозна со ФМУ и се случи магичното што ја прави секоја бајка – ние добивме донација концертно пијано.
Им благодариме бескрајно на сите што се вклучија со поддршка зашто ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ!, напиша на својот фејсбук профил, професорката Дарија Андовска.